Американските власти отворија истрага против поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, поради објава на Инстаграм која, според некои политички претставници, може да се протолкува како повик на насилство и убиство на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Министерката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, потврди дека Министерството и Тајната служба го испитуваат постот што Коми го објавил на социјалната мрежа, а подоцна го избришал. На фотографијата биле прикажани школки распоредени така што формирале бројки „8647“. Поддржувачите на Трамп укажаа дека бројот 86, според американскиот сленг, може да значи „елиминирање“, додека бројот 47 се однесува на Трамп како 47. претседател на САД.
„Поранешниот директор на ФБИ штотуку повика на убиство на претседателот Трамп. Истрагата е во тек и ќе има соодветен одговор“, напиша Ноем на социјалната мрежа X.
И администрацијата на Трамп, како и некои конгресмени и сојузници на претседателот, остро ја осудија објавата. Портпаролот на Тајната служба изјави дека „агенцијата внимателно ги разгледува сите можни закани кон заштитените лица“.
Коми се бранеше дека немал намера да повика на насилство и дека не бил свесен за потенцијалното значење на бројките. „Тоа не ми падна на памет кога го објавив. Се противам на насилство во сите форми, па затоа ја избришав објавата“, рече тој.
Инаку, Коми беше разрешен од функцијата директор на ФБИ во 2017 година од страна на Доналд Трамп, само неколку месеци по почетокот на истрагата за вмешаноста на Русија во претседателската кампања. По разрешувањето, Коми стана остар критичар на Трамп, кого во својата книга од 2018 година го опиша како „човек без етика“ и ја спореди неговата администрација со мафија.