Објавена нова серија фотографии и документи на Епстајн, меѓу нив и пораки со понуда за „продажба“ на девојка

Демократите во Надзорниот одбор на Претставничкиот дом на САД објавија нова серија фотографии и документи поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн. Меѓу материјалите има патни исправи и лични документи од повеќе земји, како и снимки од пораки во кои се спомнува 18-годишна личност од Русија и наводна понуда од „1.000 долари по девојка“.

Меѓу објавените материјали се наоѓа фотографија од пасош на украинска државјанка, со затемнети лични податоци, како и скриншот од преписка од непознат испраќач, пренесува американскиот CBS News.

Во пораките се наведуваат податоци за лице, вклучувајќи име, возраст, телесни мерки, тежина и „град на поаѓање“, со наведување на Русија, но личните податоци се редактирани.

Во објавата има и фотографии од различни патни и идентификациски документи од странство, меѓу кои пасоши од Литванија, Украина, Чешка и Русија, со затемнети податоци, како и јужноафриканска лична карта и италијанска возачка дозвола.

Меѓу другото, објавена е и фотографија од американскиот пасош на Епстајн.

Дел од фотографиите прикажуваат цитати од романот „Лолита“ на Владимир Набоков, испишани на различни делови од женско тело. На снимките се гледаат делови од текст испишани на градите, стапалото, колкот, вратот и долж ’рбетот, додека завршната реченица од одломокот не е прикажана.

Познато е дека Епстајн во канцеларијата на својата куќа во Њујорк чувал прво издание на „Лолита“, роман што се занимава со опсесија и сексуална злоупотреба на дванаесетгодишно девојче.

Меѓу документите се наоѓа и редактиран руски пасош за кој се наведува дека припаѓа на женско лице, додека останатите податоци се блокирани.

Претседавачот на демократите во Надзорниот одбор, конгресменот Роберт Гарсија, изјави дека демократите ќе продолжат со објавување фотографии и документи од заоставнината на Епстајн, „со цел да се обезбеди транспарентност за американската јавност“.

Тој додаде дека, со приближувањето на рокот за примена на Законот за транспарентност на досиејата за Епстајн, новите материјали отвораат дополнителни прашања за тоа што сè поседува Министерството за правда и упати повик документите веднаш да бидат објавени.

Американската влада има рок до утре да го сподели целиот материјал поврзан со Епстајн што го поседува.

Демократските членови на Надзорниот одбор на Претставничкиот дом на 12 декември објавија и други фотографии за кои тврдат дека потекнуваат од имотот на Епстајн. На нив се прикажани низа моќни и јавно познати личности поврзани со починатиот финансиски магнат, меѓу кои се американскиот претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Бил Клинтон и основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, пренесе CNN.

Објавени се вкупно 19 фотографии, а на нив се појавуваат и британскиот милијардер Ричард Бренсон, поранешниот принц Ендру, поранешниот претседател на Харвард Лари Самерс и адвокатот Алан Дершовиц.

Надзорниот одбор соопшти дека ниту една од објавените фотографии не прикажува сексуално недолично однесување, ниту малолетници, и дека не е познато кога и каде точно се направени.

Фотографиите се дел од поширока истрага што ја води републиканскиот Надзорен одбор, кој од имотот на Епстајн досега примил десетици илјади документи, електронска пошта и друг материјал.

Според адвокатите на имотот, документацијата може да содржи елементи чија точност заоставнината не можела да ја потврди, а редакциите се ограничени исклучиво на фотографии со недолична содржина.

Конгресменот Роберт Гарсија изјави дека најновиот сет опфаќа „повеќе од 95.000 фотографии“, вклучувајќи слики од бројни јавни личности кои поминувале време со Епстајн, и повторно го повика Министерството за правда да ги објави сите досиеја.

Клинтон, Гејтс и Трамп и претходно негираа какво било незаконско однесување поврзано со Епстајн.

Портпаролот на Клинтон соопшти дека поранешниот претседател не знаел за злосторствата на Епстајн и дека ги прекинал сите контакти пред неговото апсење во 2019 година.

Портпаролот на Гејтс повтори дека Епстајн не работел за него, а самиот Гејтс изјави дека жали за средбите.

Трамп и неговиот тим ги отфрлија инсинуациите по објавувањето на електронските пораки на Епстајн, во кои финансискиот магнат тврдеше дека Трамп „знаел за девојките“, оценувајќи го материјалот како „измама“.

Неколку други лица од опкружувањето на Епстајн се соочија со последици откако нивните врски со него станаа јавни. Лари Самерс се повлече од функциите на Харвард и од управниот одбор на OpenAI, додека принцот Ендру се откажа од користењето на кралските титули и ги негира сите обвинувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен