Демократите од Одборот за надзор на Претставничкиот дом на САД објавија нов сет од 19 досега невидени фотографии пронајдени на имотот на осудениот сексуален престапник и финансиски магнат Џефри Епстајн. На дел од снимките се појавуваат американскиот претседател Доналд Трамп, принц Ендру, поранешниот Трампов советник Стив Бенон и други истакнати јавни личности.

Одборот нагласува дека објавените фотографии не сугерираат никакво незаконито однесување од страна на лицата што се појавуваат на нив. Повеќето од нив и претходно негирале каква било поврзаност со Епстајновите криминални активности. Локацијата, датумот и авторот на фотографиите засега остануваат непознати.
Фотографии со контроверзна содржина
Дел од објавените снимки не прикажуваат лица, туку сексуални помагала фотографирани одблизу, без можност да се идентификува просторот. На друга фотографија се гледа рака со црна гумена ракавица, повторно без поширок контекст.
Истовремено, меѓу објавените материјали се и три фотографии на кои се гледа Доналд Трамп,на една е опкружен со група жени со заматени лица, на друга стои покрај Епстајн, а на третата е снимен со уште една жена. Забележливо е и присуство на пакувања со натпис „Trump Condom“ со илустрација од Трамп.
Лица присутни на фотографиите
Според списокот што го објавија демократите, на фотографиите се појавуваат:
– Доналд Трамп
– Бил Клинтон
– Стив Бенон
– актерот Вуди Ален
– економистот Лери Самерс
– адвокатот Алан Дершовиц
– бизнисменот Ричард Бренсон
– принц Ендру
– Бил Гејтс

Во еден од кадровите се гледаат и принц Ендру и Бил Гејтс, што, според демократите, потекнува од професионална фотографија направена на самит на Комонвелтот во Лондон во 2018 година. И тука се повторува напомената дека самото појавување не означува незаконито дејство.
Објавата предизвика жестоки реакции во Вашингтон. Републиканците ги обвинија демократите за политичка злоупотреба и „создавање лажен наратив за претседателот Трамп“. Тие тврдат дека добиле повеќе од 95.000 фотографии, а дека демократската страна издвоила само неколку за јавноста, со што, како што наведуваат, се манипулира со контекстот.
Од друга страна, демократскиот конгресмен Роберт Гарсија порача дека „време е да престане прикривањето на Белата куќа“ и дека неговата партија нема да запре додека „јавноста не ја добие целата вистина“. Тој повтори дека Министерството за правда е должно да ги објави сите документи до 19 декември оваа година.
Станува збор за десетици илјади страници документи што Министерството за правда ги поседува за случајот против Епстајн – од комуникации и фотографии, до изјави на сведоци и докази собрани во федералната истрага. Дел од содржината веќе стана јавна преку тужби и поранешни истражни постапки, но конечната комплетна објава сè уште се очекува.

Епстајн беше уапсен во 2019 година под обвинение за трговија со малолетни лица за сексуална експлоатација. Неколку недели подоцна беше пронајден мртов во затворската ќелија на Менхетен, што отвори бројни теории и шпекулации за околностите на неговата смрт.
Објавените фотографии денеска се дел од посебен сет документи и не се поврзани со главното досие што Министерството за правда треба целосно да го открие до 19 декември.