Обвиненија за манипулација на пазарот: Дали Трамп поттикнал инсајдерско тргување?

EPA-EFE/JIM LO SCALZO / POOL
EPA-EFE/JIM LO SCALZO / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со сериозни обвинувања за пазарна манипулација, откако вчера најпрво ги повика граѓаните да купуваат акции, а само неколку часа подоцна најави пауза на новите царини – што предизвика нагло скокање на берзанските индекси низ светот.

Најголемо внимание предизвика она што се случувало пред објавата: обемот на т.н. call опции на Nasdaq (што се купуваат кога се очекува раст на акциите) експлозивно пораснал 20 минути пред Трамп да објави дека ги паузира царините. Тоа побуди сомнежи дека блиски лица до администрацијата однапред знаеле за потегот.

Нов бран критики следеше откако на мрежата X се појави видео на кое Трамп зборува колку „неговите пријатели“ заработиле тој ден – споменувајќи ги Чарлс Шваб и уште еден инвеститор со добивки од 2.5 милијарди, односно 900 милиони долари.

Демократски сенатори, меѓу кои Адам Шиф и Крис Марфи, повикаа на итна истрага. А конгресменката Александрија Окасио-Кортез побара сите членови на Конгресот да откријат кои акции ги купиле во последните 24 часа.

Трамп пак, во изјава за медиумите, рече дека одлуката за царинската пауза ја донел „тоа утро“, додека неговата портпаролка тврди дека станува збор за „дел од поширока стратегија“.

Американските берзи експлодираа по објавата – S&P500 скокна за над 9%, Nasdaq над 12%, а растот се пренесе и на европските и азиските пазари. Но поради сомнителниот тајминг и изјавите, сѐ погласни се повиците дека станува збор за случај на инсајдерско тргување – за што во САД се лежи затвор.

Зачлени се на нашиот е-билтен