Од „рај на Земјата“ до град на духови: Како пропадна мега-проектот вреден 100 милијарди долари?

Требаше да биде футуристички град каде природата и дигиталниот свет се спојуваат во совршена хармонија. Наместо тоа, Forest City, приватниот урбанистички проект во Малезија, стана уште еден пример за неуспех на мегаломанските визии. Од планираните 700.000 жители, денес таму живеат само 9.000, а според некои извори, дури и помалку – околу 2.000, главно работници на одржување.

Амбициозен почеток, горчлив крај

Проектот беше најавен во 2006 година како партнерство помеѓу кинеската градежна компанија Country Garden и малезиската Esplanade Danga 88 Sdn Bhd. Изградбата на вештачки остров во теснецот Џохор, на границата со Сингапур, требаше да создаде модерен „еколошки“ град со облакодери, трговски центри, хотели, паркови и голф терени.

До 2016 година, проектот официјално „оживеа“, но наместо метропола од иднината, денес на 30 квадратни километри владеат празни улици, недовршени згради и драстичен пад на цените на недвижностите. Купувачите, главно од Кина, сега ги продаваат становите со големи загуби, а многумина што ги изнајмувале, веќе се иселиле.

Каде се случи грешката?

Иако близината до Сингапур требаше да биде предност, изолираната локација на вештачкиот остров се покажа како пречка. Преценетата целна група беше уште еден проблем – становите беа наменети за богати кинески купувачи, но владите на двете земји воведоа рестрикции за инвестиции во странство и ограничувања за визни дозволи, што ги одврати потенцијалните жители.

Дополнително, пандемијата го забави развојот, а економските и политичките турбуленции во Кина и Малезија ги намалија шансите за успех.

Одржливоста доведена во прашање

Иако проектот се рекламираше како „еколошки“, изградбата на островот имаше негативно влијание врз локалниот екосистем. Некои истражувања сугерираат дека тлото не било доволно стабилно, што може да доведе до потонување на делови од градот. Денес, многу згради веќе покажуваат знаци на пропаѓање.

Што ќе се случи со Forest City?

Иако е прогласен за бесцаринска зона, тоа не помогна во привлекување нови жители. Со се поголеми финансиски проблеми, критики за корупција и еколошки ризици, проектот кој требаше да биде „град на иднината“ засега останува монументален неуспех, симбол на нереалните амбиции што се судрија со реалноста.

Зачлени се на нашиот е-билтен