Одеса под удар: Руски дронови ја гаѓаа енергетската мрежа, десетици илјади без струја

Дронови забележани над подморница и електрана во Германија

Ноќта меѓу среда и четврток јужна Украина беше цел на еден од најмасовните напади со дронови од почетокот на руската инвазија. Руските сили лансираа повеќе од 100 дронови од иранско производство тип „Шахед“, насочени главно кон енергетската инфраструктура и пристаништата во регионот на Одеса.

Според податоците на украинското воено воздухопловство, од вкупно 112 дронови, украинската противвоздушна одбрана успеала да собори 87. Сепак, останатите 22 дронови погодиле цели на дури 12 различни локации.

Во нападите загинале најмалку пет цивили, а повредени се уште 19 лица. Голем дел од штетите се концентрирани во регионот на Одеса, каде што, според гувернерот Олег Кипер, биле зафатени индустриски и стамбени објекти, како и клучна инфраструктура.

„Избувнаа пожари на повеќе локации – две куќи, административна зграда и бензинска пумпа. Во пристаништето запалија резервоари со растително масло и складишта со дрвени пелети“, изјави Кипер.

Градот Чорноморск е меѓу најтешко погодените. Над 30.000 луѓе во регионот останале без електрична енергија, а во Чорноморск, речиси целата градска мрежа била парализирана. Пријавени се големи оштетувања на домови и патна инфраструктура.

Нападот се смета за дел од поширока стратегија на Русија да ја поткопа украинската енергетска стабилност пред зимскиот период. Според извештаите, во последните неколку дена погодени биле и други енергетски објекти, вклучително и електрана во Нижинскиот округ и енергетски капацитет во Прилуки. Во тие напади, иако немало човечки жртви, повеќе од 60.000 луѓе останале без струја.

Овој најнов бран воздушни удари доаѓа во период кога меѓународните напори за примирје повторно се активираат, но теренската реалност покажува ескалација, особено кон критичната инфраструктура на Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен