Кина денеска соопшти дека нема активни преговори со САД за укинување на царините, и покрај сигналите од Белата куќа оваа недела за можност за смирување на трговските тензии меѓу двете земји.
– Во моментот апсолутно нема економски или трговски преговори меѓу Кина и САД – изјави портпаролот на кинеското Министерство за трговија, Хе Јадонг. Неговата изјава ја пренесе CNBC, преведена од мандарински.
Тој додаде дека сите тврдења за напредок во билатералниот дијалог треба да се отфрлат.
– Ако САД навистина сакаат решение, треба прво да ги укинат сите еднострани мерки против Кина – порача Хе.
Американскиот претседател Доналд Трамп и министерот за финансии Скот Бесент оваа недела сугерираа дека би можело да дојде до ублажување на трговските тензии. Но, во исто време, Белата куќа воведе царини од 145% на кинеска стока, по што Пекинг возврати со сопствени мерки и ограничувања на извозот на критични минерали кон САД.
Изјавата на Министерството за трговија се совпаѓа и со ставовите на портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун, кој исто така нагласи дека не се водат преговори, јавуваат државните медиуми.
Двајцата портпароли ја повторија официјалната позиција дека Кина е подготвена за разговори, но само ако се третира како рамноправен партнер.
– Кина сака деескалација на трговскиот конфликт бидејќи тој им штети на обете економии. Но, поради непостојаноста во политиката на Трамп и нејасностите околу неговите вистински намери, Пекинг го промени пристапот – од „што ви треба вам“ во „што ни треба нам“, – оцени Јуе Су, главен економист за Кина во Economist Intelligence Unit.
Воедно, Кина оваа недела упати предупредување дека ќе преземе контрамерки против земји кои би склучиле договори со САД на штета на кинеските интереси.
Неколку инвестициски банки од Волстрит веќе ги намалија своите прогнози за растот на кинескиот БДП, поради царините и зголемените тензии со САД.
Кинеското Министерство за трговија нагласи дека владата и компаниите интензивно работат на тоа извозно ориентираните производи да бидат пренасочени на домашниот пазар.
– Од кинеска перспектива, секои сериозни преговори ќе бараат САД да ги вратат царините на пониско ниво, околу 20% или помалку. Но, за администрацијата на Трамп, такво повлекување би можело да предизвика незгодни прашања – зошто воопшто започнаа конфронтацијата ако на крајот ќе се вратат таму каде што почнаа? – вели Џианвеј Шу, старши економист за Голема Кина во „Натиксис“.
Иако САД сè уште се најголемиот поединечен трговски партнер на Кина, во последните неколку години Југоисточна Азија ја престигна Европската Унија и стана најголемиот регионален партнер, пренесува CNBC.