„Одвратни коментари“: Дали АфД ги навредува жените во германскиот парламент?

Германската министерка за здравство Нина Варкен остро ги критикува, како што ги нарече, „страшните и понижувачки навреди“ кои пратениците на Алтернатива за Германија (АфД) ги упатуваат кон жени-пратенички во Бундестагот. И други пратенички потврдуваат дека мизогиното провоцирање и вербалните напади во парламентот се во пораст откако АфД влезе во Бундестагот во 2017 година, пишува Deutsche Welle.

„Седам многу блиску до пратеничката група на АфД и слушам многу повеќе коментари отколку што влегуваат во официјалните записници. Тоа се омаловажувачки и понижувачки забелешки за жените“, изјави Варкен (ЦДУ) во интервју за Redaktionsnetzwerk Deutschland. Таа, која воедно е и претседателка на Женската организација на ЦДУ, ја отвори дебатата за тоа како се променил односот кон жените во германскиот парламент по влезот на АфД, партија која делумно се смета за крајно десничарска.

Според Варкен, политичарките од други партии не се напаѓани само поради нивните политички ставови, туку и поради нивниот изглед и начинот на облекување. „Станува збор за навистина одвратни коментари. Ова е неприфатливо и е под достоинството на парламентот“, нагласи таа, додавајќи дека односот на АфД кон жените е неспоив со вредностите на современа Германија. Нејзината порака е јасна: ваквото однесување мора колективно да биде осудено и ниту една пратеничка не смее да дозволи да биде заплашена.

Од АфД ги отфрлаат обвинувањата. Портпаролот на партијата за здравствена политика, Мартин Сихерт, ја обвини Варкен дека зборува за наводна мизогинија за да го одвлече вниманието од, како што рече, „вистинските проблеми во земјата“. Во писмен одговор за Deutsche Welle, тој порача дека министерката треба да се фокусира на работата во здравствениот сектор, наместо јавно да ја клевети најголемата опозициска партија. Според него, пратеничката група на АфД нема да дозволи да биде заплашена и ќе продолжи да ги критикува пропустите на владата.

Податоците од администрацијата на Бундестагот, сепак, покажуваат драстична промена на тонот во парламентот. Пред влезот на АфД во 2017 година, биле забележани само две официјални опомени. Во периодот од 2017 до 2021 година бројот пораснал на 47, а од 2021 до 2025 година достигнал дури 135. Од нив, 85 биле изречени токму кон пратеници на АфД.

Искуствата на пратеничките дополнително ја потврдуваат оваа слика. Кармен Веге, федерална претседателка на Женската организација на СПД и пратеничка од 2021 година, вели дека во записниците од нејзините говори често стои само забелешка: „довикнувања од пратеничката група на АфД“. „Има толку многу извиците, што стенографите веќе не можат точно да следат што се извикува“, изјави таа.

Веге објаснува дека ретко им се обраќа директно на пратениците од АфД, но наведува еден случај кога реагирала откако некој извикал: „А што е со нас?“ „Му одговорив: ако не се чувствувате спомнати, тогаш токму сега сами се разоткривате“, раскажа таа.

Новата претседателка на Бундестагот, Јулија Клекнер (ЦДУ), веќе воведе построги мерки за одржување на редот. Казните за навреди се зголемени: за сериозни прекршоци сега изнесуваат 2.000 евра, наместо досегашните 1.000, а за повторени прекршоци 4.000 евра. Доколку пратеник добие три формални опомени за време на една седница, мора да ја напушти пленарната сала.

И покрај тоа, Кармен Веге смета дека овие мерки нема значително да го променат однесувањето на АфД. Напротив, таа оценува дека партијата станува сè порадикална. „Заплашувањето е дел од нивната стратегија. Навредите се израз на самодовербата на оваа партија и тоа нема да се промени. Веќе е јасно дека нападите на АфД кон жените стануваат сè полоши“, вели таа.

Слична оценка дава и поранешната лидерка на Зелените и екс-потпретседателка на Бундестагот, Клаудија Рот, која со години била една од најчестите мети на нападите од АфД. „Речиси и да нема дебата во која нема довикувања. Како да мислат дека ако ја нападнат Рот, ќе добијат поддршка од своите следбеници, кои сето тоа го слават онлајн, каде што омразата продолжува“, вели таа.

Според Рот, ова е особено вознемирувачко за младите пратенички кои првпат влегуваат во парламентот и ги држат своите први говори. Таа смета дека со влезот на АфД во Бундестагот е воведен намерно поинаков, поостар и поагресивен тон, чија цел е заплашување, не само на жените, туку и на сите кои не се вклопуваат во светогледот на таа партија.

„Се обидуваат да нè извадат од рамнотежа, да нè замолчат и да нè натераат да се повлечеме од јавната дебата. Тоа е исклучително опасно“, предупредува Рот. Според неа, целта е да се дискредитираат жените и малцинствата и преку тоа да се ослабне самата демократска институција на Бундестагот.

„Ако тоа го дозволиме, тогаш сите губиме“, заклучува Рот, повикувајќи на поширок демократски отпор против говорот на омраза и заплашувањето во германскиот парламент.

Зачлени се на нашиот е-билтен