Некогашниот еврокомесар за проширување Оли Рен кој е сега гувернер на Централната банка на Финска, најави дека има намера да се кандидира за претседател на својата земја следната година, јавија британските медиуми.
Шеесет и едногодишниот Рен, кој е и член на Управниот совет на Европската централна банка, појасни дека доколку му биде одобрена кандидатурата, тој ќе замине на одмор и нема да учествува во изборната кампања како службено лице.
Пред да влезе во претседателската трка, неговата кандидатура мора да собере 20.000 потписи.
„Ако, се надевам, бидам номиниран за претседателски кандидат, ќе се пријавам за отсуство,“ рече Рен на прес-конференција.
Пека Хависто, кој од вчера повеќе не е министер за надворешни работи на Финска по инаугурацијата на новата влада, неодамна најави дека и тој ќе се кандидира за претседател.
Според финскиот Устав, една од главните овластувања на финскиот претседател е во надворешната политика и безбедносната политика.
Во април, Хелсинки го смени својот традиционален надворешнополитички курс на неутралност и се приклучи на НАТО. Причината за радикалната промена беше руската инвазија на Украина.
Оли Рен беше еврокомесар за проширување на ЕУ во периодот од 2004 – 2010 година. Тој беше еден од водечките европски личности кој лобираше земјите членки на ЕУ да и дадат кандидатски статус на Македонија на 12 декември 2005 година.