Советот за човекови права на ОН денеска го критикуваше непочитувањето на човековите права во Франција, наведувајќи дека има напади врз мигранти, расна дискриминација и полициско насилство. Советот на ОН повеќе од три часа расправаше за состојбата со човековите права во Франција. Тоа е процедура на која редовно се подложуваат сите земји-членки на ОН.
Голем број земји, вклучувајќи ги САД и Тунис, ја повикаа Франција да ги засили своите напори во борбата против насилството и расната дискриминација.
„Препорачуваме Франција да ги интензивира напорите во борбата против злосторствата и заканите со насилство мотивирани од верска омраза, како што се антисемитизмот и антимуслиманската омраза“, рече претставникот на САД во тоа тело на ОН, Кели Билингсли.
Кинеската делегација соопшти дека има пораст на расизмот и ксенофобијата, повикувајќи ја Франција да престане да презема „мерки кои ги кршат правата на мигрантите“.
Бразил, заедно со Јапонија, ја критикуваа расната дискриминација додека Јужна Африка ги повика француските власти „да обезбедат непристрасна истрага за сите случаи на расистички инциденти во кои се вклучени полицајци“.
Во Франција се зголемија критиките против употребата на сила која се смета за прекумерна во последните месеци против демонстрантите кои се против пензиските реформи.