Специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Гир Педерсен, денеска јавно повика Израел веднаш да стави крај на воздушните напади врз сириска територија, откако израелската армија соопшти дека синоќа погодила неколку воени цели во Сирија.
„Остро ги осудувам континуираните и ескалирачки прекршувања на суверенитетот на Сирија од страна на Израел, вклучувајќи повеќекратни воздушни напади во Дамаск и други градови“, напиша Педерсен на платформата Икс.
Тој го повика Израел да ги прекине нападите и да се воздржи од дејствија кои ги загрозуваат животите на сириските цивили, додавајќи дека е неопходно да се почитува меѓународното право и суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на Сирија.
Во последниве недели се зголеми бројот на израелски воздушни напади на територија на Сирија, што дополнително ја усложнува веќе кревката безбедносна состојба во регионот.