Опстанокот на Појасот Газа сериозно е загрозен, предупредија Обединетите нации во нов извештај, повикувајќи ја меѓународната заедница итно и координирано да изработи „севкупен план за обнова“ на разурнатата територија.
Според извештајот на Конференцијата на ООН за трговија и развој (УНКТАД), израелските воени операции „ги поткопале сите столбови на опстанокот“ од храна и засолниште, до здравствена заштита и ја турнале Газа „во вештачки создадена бездна“.
„Со оглед на немилосрдното и систематско уништување, постојат сериозни сомнежи дека територијата е способна повторно да се изгради како место за живот и функционално општество“, се наведува во документот.
Војната во Газа започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кога загинаа 1.221 Израелец, според податоците на АФП засновани на официјални извори.
Одговорот на Израел резултираше со повеќе од 69.756 загинати Палестинци, според Министерството за здравство во Газа, а ООН ги смета овие податоци за доверливи. Повеќе од половина од загинатите се жени и деца.
Според УНКТАД, Газа е „турната од состојба на неразвиеност во целосна пропаст“, а за нејзина обнова ќе бидат потребни околу 70 милијарди долари.
Дури и во „оптимистично сценарио“, оценува агенцијата, ќе бидат потребни децении за враќање на квалитетот на живот што постоел пред октомври 2023 година.
УНКТАД повикува на координирана меѓународна помош, обновување на финансиските трансфери од Израел, ублажување на ограничувањата за трговија, движење и инвестиции, и воведување универзален основен доход во Газа преку „обновлива и безусловна“ месечна поддршка за сите жители.
Агенцијата предупредува и на драматичниот економски пад на окупираната Западна Обала, каде што „насилството, забрзаното ширење на населбите и ограничувањето на мобилноста“ довеле до најлошите економски показатели од 1972 година наваму.

