Оптимизам по видео средбата на Трамп со ЕУ лидерите и Зеленски

Европските лидери ја поздравија денешната средба со американскиот претседател Доналд Трамп, пред неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи дека целта е постигнување прекин на огнот во Украина.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон ја истакнаа европската позиција дека Украина мора да биде вклучена во сите одлуки што се однесуваат на нејзината територија. Двајцата ја поддржаа можноста за трилатерален самит со Трамп и Путин, каде Украина ќе има директно учество.

Макрон потврди дека американскиот претседател ќе побара прекин на огнот од Кремљ за време на средбата во Алјаска на 15 август. „Сè што се однесува на Украина мора да се дискутира со Украина“, нагласи Макрон, додавајќи дека е клучно претседателот Володомир Зеленски целосно да биде вклучен во преговорите.

Германскиот канцелар Мерц изјави дека е „многу среќен“ што Зеленски можел да ја посети Берлин и да учествува во видео-средбата со европските лидери и Трамп. Тој го потсети денот на почетокот на изградбата на Берлинскиот ѕид пред 64 години како симбол на поделбата во Европа и нагласи дека руската инвазија на Украина ја отвори таа поделба повторно.

Мерц додаде дека Европа работи на поставување на агендата за претстојниот состанок и изрази надеж за успешен исход. „Во Алјаска, безбедносните интереси на Европа и Украина мора да бидат заштитени“, рече тој, нагласувајќи дека прво мора да се постигне прекин на огнот, а потоа долгорочен мировен договор, без правно признавање на руската сопственост врз украинска територија.

Претседателот Зеленски се заблагодари на Германија и на сите партнери за воената поддршка и истакна дека сите лидери од светот сакаат мир во Украина. Тој додаде дека САД ја поддржуваат Украина и повика на нови санкции кон Русија доколку Кремљ не се согласи на прекин на огнот.

Средбата меѓу Трамп и Путин ќе се одржи во заедничката база Елмендорф-Ричардсон во Алјаска, а Зеленски најави дека ќе продолжи комуникацијата со Трамп по самитот за да се разгледаат резултатите и идните чекори.

Зачлени се на нашиот е-билтен