Орбан најави „велигденско чистење“ на медиумите и невладините, ги нарече инсекти

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека ќе се пресмета со политичарите и новинарите кои добиваат финансирање од странство и повторно ја отфрли можноста за членство на Украина во ЕУ, засилувајќи ја својата кампања за изборите што ќе се одржат за една година.

Во говорот одржан на митинг во Будимпешта за време на прославата на националниот ден на Унгарија, Орбан рече дека е време да се елиминира „армијата во сенка“ – невладините организации, новинарите, судиите и политичарите платени од САД и Брисел, алудирајќи на неговите планови да преземе строги мерки против невладините организации и медиумите што добиваат средства од американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) и од  милијардерот Џорџ Сорос.

-По денешното празнување следува големо велигденско чистење бидејќи инсектите успеаја да ја преживеат зимата, рече Орбан, додавајќи „ќе ја отстраниме целата таа армија која работи во сенка… која ја поддржува империјата за пари, која работи против сопствената земја“.

Како сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, Орбан се соочува со економија која е тешко погодена од инфлацијата и се помоќна нова опозициска партија, што е најголемиот предизвик за него досега во 15-те години колку што е на власт.

Одлуката на Трамп да замрзне поголем дел од средствата на УСАИД и фактот што тој го испрати најголемиот дел од персоналот на одмор го поттикна Орбан да заземе поостар став кон медиумите и невладините организации кои се финансираат од странски фондови.

Минатиот месец тој рече дека Унгарија ќе подготви закон за заштита на националниот суверенитет и разоткривање на странското финансирање на унгарските медиуми.

Неделава неговата партија Фидес поднесе предлози за уставни измени поврзани со протерување на граѓани со двојно државјанство доколку се утврди дека тие претставуваат закана за суверенитетот на Унгарија.

Опозициската партија Тиса, предводена од поранешниот владин член Петер Маѓар, кој се појави на унгарската политичка сцена пред една година, денеска организира митинг на кој се очекуваат десетици илјади луѓе.

Орбан, кој од почетокот на војната во Украина одбива да испрати оружје во оваа земја, а во исто време одржува блиски односи со Русија, повторно го критикуваше Брисел за продолжувањето на воената помош за Украина, само неколку дена пред самитот на ЕУ.

– Владетелите на Европа одлучија Украина по секоја цена да ја продолжи војната, а во замена ќе добијат брзо членство во ЕУ, користејќи ги нашите пари. Можеме да имаме само еден одговор на тоа: Унијата, но без Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен