Во Унгарија е во тек невидена медиумска кампања против приклучувањето на Украина во Европската Унија. Владата на Виктор Орбан преку телевизиски спотови, радио емисии, билборди и јавни настапи шири порака дека „украинската мафија“ е закана за унгарското општество, а ЕУ и Брисел се прикажани како соучесници во таа опасност.
Во еден од спотовите, како што пишува „Дојче веле“ се прикажуваат сцени со крвни траги, муниција и наркотици, проследени со злокобен наратор: „Трговијата со дрога и оружје е специјалност на украинската мафија. Ако Украина влезе во ЕУ, нивните криминалци ќе го преплават унгарското општество“. Во кадарот се појавува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со порака дека „Брисел се игра со оган“.
Владата на Орбан дури распиша и „референдум за ставот на граѓаните“ – до 20 јуни, сите Унгарци ќе можат да се изјаснат дали се „за или против“ влез на Украина во ЕУ. Прашањето е формално, но целта е политичка – мобилизација на поддршката за владејачката партија преку создавање на надворешен непријател.
Украина како изговор, не како закана
Според наративот што го промовира Орбан, Украина е „расадник на криминал, варварство и евтина работна сила“ што ќе ја уништи унгарската економија, здравствениот систем и земјоделството. Секако, без докази, но со силна медиумска поддршка.
„Украина бара, не моли. Тие бараат ЕУ да плаќа за милионската украинска војска ако САД престанат со поддршката. Тоа е нивната логика,“ изјави Орбан минатиот петок. Дополнително, тој тврди дека членството на Украина ќе ја „уништи унгарската економија“ бидејќи станува збор за „држава која без западни пари не може да опстане“.
Реалната причина за оваа антиевропска и антикатолонска реторика, сепак, не се наоѓа во Киев, туку во Будимпешта. Популарноста на Орбан и неговата партија Фидес е во опаѓање. Сè поголем број Унгарци се разочарани од неговата реторика, корупцијата и авторитаризмот. На наредните избори во пролетта 2026 година, сè поголеми шанси за победа има лидерот на опозицијата, Петер Маѓар.
Токму затоа Орбан има потреба од „надворешен непријател“ – Украина, Брисел, дури и САД – со цел да ја активира националистичката база. Опозицијата не е експлицитно проукраинска, но податоци од анкетите покажуваат дека мнозинството Унгарци (58%) поддржуваат украинско членство во ЕУ. Тоа Орбан го искористи за да ги обвини своите противници дека се „платеници на Брисел“ и „поруѓа на националните интереси“.
Фарсичен референдум и амбиции за граници
Институтот „Незопонт“, близок до владејачката партија, предвиде дека 67% од граѓаните ќе гласаат против Украина – резултат кој совршено го одразува Орбановиот политички наратив. Сепак, процесот нема да биде транспарентен – без набљудувачи, без јасен увид во излезноста или резултатите.
Орбан, во меѓувреме, сè погласно зборува и за „исправување на историските граници“ – не само кон Украина, туку и кон Хрватска и Романија. Во исто време, тој инсистира Брисел да ги тргне од санкциската листа руски олигарси како Алишер Усманов и Михаил Фридман.
Орбан – гласноговорник на Путин?
Изјавите на унгарскиот премиер сè повеќе се совпаѓаат со ставовите на Владимир Путин – а сè почесто и со риториката на Доналд Трамп. Но, според набљудувачи од ОБСЕ, токму Украина – и покрај војната – има построга борба против организираниот криминал од Унгарија. Додека Киев прави напори да ги исполни условите за членство во ЕУ, Будимпешта со заробено судство веќе не би била ниту кандидат.