„Ослободувањето“ на компаниите од зелените обврски ја отвора вратата за создавање десничарски „сојуз за дерегулација“ во Европскиот парламент

Европскиот парламент во четвртокот со 382 гласа „за“, 249 „против“ и 13 „воздржани“ го поддржа предлогот за значително намалување на обврските на компаниите во однос на еколошките правила. Главниот преговарач на Европската народна партија (ЕПП), Јерген Варборн, по гласањето изјави дека Европа може истовремено да биде и одржлива и конкурентна.

Она што го привлече вниманието е начинот на кој предлогот беше изгласан. Наместо традиционалното партнерство меѓу ЕПП и партиите од центарот – социјалдемократите, либералите и зелените – поддршката дојде од редовите на десницата и екстремната десница. Раслетот уследи откако социјалдемократите одбија да прифатат дел од мерките, особено делот кој ги ослободува компаниите со помалку од 5.000 вработени и приход под 1,5 милијарди евра од обврската да известуваат за влијанието врз човековите права и животната средина.

Овој развој на настаните повторно го отвора прашањето за стабилноста на мнозинската поддршка зад претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Иако иницијативите за недоверба во последните месеци беа отфрлени со поддршка на центарот, гласањето за „еколошките олеснувања“ покажува дека дел од либералите и социјалдемократите се повеќе се дистанцираат од Комисијата.

Главната портпаролка на Комисијата, Паула Пињо, нагласи дека Фон дер Лајен останува подготвена за соработка со сите проевропски и продемократски сили, посочувајќи на друг пример од истиот ден – усвојувањето на климатските цели за 2040 година, каде партиите од центарот настапија обединето.

Сепак, гласањето за дерегулации не е прв случај во кој ЕПП добива поддршка од десницата. Во изминатиот период, неколку резолуции и предлози беа усвоени со т.н. „венецуелско мнозинство“, по резолуцијата за состојбата со човековите права во Венецуела, која беше прифатена со поддршка од ЕПП и десничарките партии.

Бриселските медиуми оценуваат дека овојпат работите би можеле да тргнат во нов правец, бидејќи предлогот за поедноставување на обврските за компаниите е дел од поширокиот „омнибус“ пакет за дерегулација. Според критичарите од левицата, ваквите политики најчесто се носат на штета на правата на работниците и заштитата на животната средина.

Од друга страна, дел од ЕПП смета дека „постојат политики кои не можат да се спроведат со поддршка на социјалдемократите, но мора да бидат спроведени“. Тоа укажува дека партијата е подготвена да бара различни партнери, зависно од темата. Така, за климатските цели за намалување на емисиите за 90 проценти до 2040 година, ЕПП собра поддршка токму од центарот и зелените.

Италијанските европратеници Карло Фиданца (ЕЦР) и Паскале Пјера (ПФЕ) за „Еурактив“ и „Политико“ изјавија дека гласањето од четвртокот претставува „историска победа“ за десницата и знак дека ЕПП „има потреба“ од нивната поддршка. Според Пјера, ЕПП дури „секојдневно барала гаранции“ дека десничарските партии ќе гласаат за нивните амандмани.

Лидерот на ПФЕ, Жордан Бардела, гласањето го оцени како победа на „општиот интерес“, повикувајќи се на зголеменото влијание на десницата во Европскиот парламент.

Таквиот расплет од многумина се толкува како прв чекор кон создавање траен „сојуз за дерегулација“ меѓу ЕПП и партиите десно од центарот. Тоа би значело и фактичко рушење на т.н. санитарен кордон – неформалниот договор дека нема да се соработува со екстремната десница.

Копретседателката на Зелените, Тери Рајнтке, оцени дека гласањето испраќа „многу лош сигнал“ за соработката во следните години и за борбата против климатските промени, додека претседателката на социјалдемократите, Ираче Гарсија Перез, порача дека нивната група останува посветена на проевропското мнозинство.

Иако засега социјалдемократите избегнуваат остри изјави, политичките анализи предупредуваат дека тие ќе мора да реагираат доколку сакаат да ја задржат рамнотежата на моќта во Брисел, која сè повеќе се менува во корист на десницата

Извор: Nezavisen

Зачлени се на нашиот е-билтен