Осудена на доживотен затвор: Уби тројца членови на семејството со отровни печурки

Ерин Патерсон доби доживотна казна затвор, без право на условно ослободување во наредните 33 години, поради убиството на тројца блиски роднини на својот сопруг и обид за убиство на четврта личност, објави RTS.

Врховниот суд на државата Викторија ја осуди 50-годишната Ерин Патерсон на доживотен затвор, со најмалку 33 години казна без право на условно ослободување, поради убиството на тројца блиски роднини на нејзиниот сопруг, со кого подолг период имала напнат однос и одделен живот, како и обид за убиство на четврта личност.

Пресудата вчера ја изрече судијата Кристофер Бил, во директен телевизиски пренос – што е првпат во историјата на оваа австралиска држава.

Во јули 2023 година, Патерсон приредила ручек за родителите на својот сопруг, Дон и Гејл Патерсон, како и за неговата тетка Хетер Вилкинсон и нејзиниот сопруг, пасторот Ијан Вилкинсон. Во јадењето „биф Велингтон“ намерно ставила отровни печурки „death cap“, што довело до смрт на тројцата гости, додека единствениот преживеан, пасторот Вилкинсон, бил тешко отруен.

За време на судењето, кое траело 11 недели, поротата едногласно ја прогласила Ерин Патерсон за виновна. Иако пасторот Вилкинсон изјавил дека ѝ прости, тој нагласил дека мора да се бара правда за убиените. „Сега повеќе не сум жртва на Ерин Патерсон, туку таа стана жртва на мојата добрина,“ рекол тој, додавајќи дека се надева дека ќе го искористи времето во затвор за преображај.

Сопругот Сајмон Патерсон изјавил дека злосторството на неговата поранешна сопруга ги лишило нивните деца, родени во 2009 и 2014 година, од однос со мајка како што секое дете заслужува.

Судијата Бил при изрекувањето на казната истакнал дека злосторствата биле „страшни“ и дека штетата нанесена на жртвите е непоправлива. „Искреија неизмерна страдање на сопствените деца, лишувајќи ги од саканите баби и дедовци,“ рекол тој.

Одбраната се обидела да ја ублажи казната, посочувајќи дека поради медиумското внимание Патерсон била практично во изолација – заклучена по 22 часа дневно – но судијата нагласил дека за три убиства и еден обид за убиство е потребна максимална казна. Покрај доживотниот затвор, ѝ е изречена и казна од 25 години за обидот за убиство, која ќе се одслужува истовремено.

Патерсон ќе има право да побара условно ослободување првпат во 2056 година, кога ќе има 82 години. Досега поминала 676 дена во притвор.

Иако цело време тврдела дека станува збор за трагична несреќа и се изјаснила за невина, судот утврдил дека делото е сторено со предумишленост. Патерсон има рок до 6 октомври да поднесе жалба на пресудата.

Зачлени се на нашиот е-билтен