Масовен прекин на електрична енергија во три европски земји остави милиони луѓе во мрак. Сè започнало во Шпанија, а потоа се проширило во Португалија и делови од Франција. Првиот сериозен прекин е регистриран на југот на Шпанија.
Според ENTSO-E, европската мрежа на оператори за пренос на електрична енергија, околу 2,2 гигавати капацитет исчезнале од мрежата во јужна Шпанија помалку од една минута пред да настане целосен колапс на електроенергетската мрежа на Иберијскиот Полуостров.
Без струја, без сигнал – цел регион во колапс
Прекинот оставил милиони без струја, а истовремено биле парализирани телефонските врски, железничкиот сообраќај и семафорите во Шпанија, Португалија и делови од јужна Франција. Иако немало директни прекини во Франција и Португалија, ефектите биле почувствувани регионално.
хронологија на настаните – 28 април 2025
Според анализата на ENTSO-E, еве ги клучните моменти од денот на колапсот:
12:32 – Голем број одделни прекини се евидентирани на југот на Шпанија, со вкупна загуба на 2,2 GW.
12:33:18 – Фреквенцијата на мрежата на Иберијскиот Полуостров продолжува да паѓа и достигнува 48,0 Hz (нормално е околу 50 Hz).
12:33:21 – Заштитни системи ја исклучуваат врската меѓу Франција и Шпанија за да спречат поголем колапс.
12:33:24 – Целосен колапс на мрежата во Шпанија, HVDC линиите кон Франција престануваат да функционираат.
Се сомневаат во соларните фарми
Според RBC Capital Markets, причината за прекинот најверојатно лежи во соларните капацитети во јужна Шпанија. Според нивните анализи:
„Најверојатен причинител е серија автоматски исклучувања на соларни инсталации од вкупно 2,2 GW во југот или југозападот на Шпанија.“
Шпанија последниве години доживеа брз раст на соларната енергија, што доведе до преоптовареност на мрежата. Проблемот е што многу од овие системи ја следат мрежата, наместо да ја стабилизираат, што ги прави чувствителни на промени во фреквенцијата.
Шпанската влада сè уште не се има изјаснето за причините, наведувајќи дека се анализираат податоците од производителите и операторите на мрежата.