Благодарение на остри економски реформи и т.н. „шок терапија“, Полска во последните две децении се трансформира од сиромашна постсоцијалистичка држава во едно од најдинамичните економски чуда на Европа.
Според најновите податоци на Светската банка, БДП по глава на жител во Полска, приспособен според куповната моќ, достигнал 49.464 долари, додека истиот показател за Јапонија изнесува 50.206 долари. За споредба, Обединетото Кралство има 58.906 долари. Овие бројки сведочат за длабоката трансформација на полската економија.
Пред 20 години, Полска имаше само 48% од просечниот БДП по глава на жител во ЕУ. Денес таа бројка е порасната на 82%, изедначувајќи се со Португалија. Во изминатите две децении полската економија се удвоила, растејќи побрзо од која било друга земја во Централна Европа и двојно побрзо од просекот на ОЕЦД.
Од кризна транзиција до економски џин
Просечниот годишен раст на полскиот БДП од 1996 до 2024 година изнесувал 3,88%, со рекордни 7,1% во 2007 година. Во истиот период, невработеноста опаднала од над 20% на само 2,6% – значително под просекот на ЕУ (5,8%) и еврозоната (6,2%). За 2025 се прогнозира раст од 3,4%, поддржан од структурни реформи и инвестиции преку европските фондови.
Полска е единствената членка на ЕУ што ја избегна финансиската криза од 2008 година, и една од ретките држави во светот што тоа го постигна. Денес, нејзиниот БДП по глава на жител е двојно повисок отколку во 1995 година, кога изнесувал една третина од германскиот. До 2021 година, достигна две третини од германскиот ниво.
Сè започна со Солидарноста и „шок терапијата“
По уривањето на комунизмот во 1989 година, Полска спроведе радикални економски и политички реформи под водство на синдикатот Солидарност и Лех Валенса. Со т.н. „Балцеровичев план“, наречен по тогашниот министер за финансии Лешек Балцерович, беше применета „шок терапија“ – пакет економски мерки за брз премин од социјализам во капитализам.
Државните претпријатија беа оставени да банкротираат ако не се профитабилни, финансирањето на буџетскиот дефицит преку печатење пари беше забрането, субвенционираните кредити беа укинати, а каматните стапки врзани за инфлацијата. Странски инвестиции беа добредојдени, а националната валута беше конвертибилна.
Првите години беа тешки, но веќе во 1992 година започна опоравување, а до 1995 година економијата достигна ниво како пред реформите. Со влезот во ЕУ во 2004 година, Полска ја зацементира својата позиција како растечка економија со стабилен развој.
Индустриска сила во срцето на Европа
За разлика од останатите земји од ЕУ каде што индустрискиот сектор опаѓа, Полска го задржа индустрискиот капацитет – денес има поголем процент индустриски работници од самата Кина. Главни предности ѝ се стратешката локација, бројното население, членството во ЕУ, стабилните јавни финансии, образуваната работна сила и развиениот банкарски сектор.
Географската положба овозможува брза и евтина достава до голем број европски пазари, особено Германија. Со јавен долг под 50% од БДП и ниска задолженост на населението, Полска е пример за фискална одговорност.
Предизвици за иднината
И покрај сè, Полска се соочува со предизвици – странските инвеститори најчесто се жалат на бавна бирократија и ниска мобилност на работната сила. Но, со досегашниот напредок, Полска веќе не е само „поранешна социјалистичка држава“, туку клучен играч во европската економија.
Се очекува дека наскоро ќе го надмине Јапонија според БДП по глава на жител прилагоден за куповна моќ – што ќе биде уште еден доказ за нејзиниот историски економски успех.