Акциите на технолошките компании забележаа пад на последното тргување на Волстрит, откако инвеститорите изразија загриженост дека цените во секторот достигнуваат прегреани нивоа. И покрај тоа, индексот Dow Jones достигна нов рекорд, додека Nasdaq се најде под притисок поради падот на уделот на Nvidia и продажбата на акции од страна на SoftBank.
Dow Jones порасна за 1,18 %, достигнувајќи 47.927 поени, а S&P 500 бележи скромен раст од 0,21 %, на 6.846 поени. За разлика од нив, Nasdaq се намали за 0,25 %, на 23.468 поени.
По силниот раст во понеделник, берзанската активност се стабилизираше, со значително намален обем на тргување. Позитивното движење на пазарот го поддржаа подобрите од очекуваните квартални резултати во повеќето сектори, особено кај банките.
Пазарите дополнително беа охрабрени од вестите дека во американскиот Сенат се забележува напредок во преговорите меѓу републиканците и демократите за финансирањето на федералните служби. Се очекува дека долгата блокада на владините служби, која трае повеќе од 40 дена, ќе биде окончана во наредните денови.
„Очекуваме блокадата наскоро да заврши. Со тоа ќе се врати стабилноста и повторно ќе бидат достапни редовните економски податоци“, изјави Сем Стоувол, стратег во компанијата CFRA.
Технолошките акции, сепак, останаа под притисок. Акциите на Nvidia паднаа откако јапонската група SoftBank продаде дел од својот удел во компанијата во вредност од 5,8 милијарди долари.
Пад забележаа и акциите на други водечки технолошки компании, откако инвеститорите станаа повнимателни поради растечките вреднувања и ризикот од прегревање на пазарот кој во текот на годината доживеа силен подем.
Од почетокот на 2025 година, Dow Jones има раст од речиси 13 %, S&P 500 за 16 %, а Nasdaq дури за 22 % — што дополнително ги засили стравувањата дека пазарот би можел да влезе во фаза на корекција.

