Поради прекин во националниот информатички систем на федералната полиција на Германија, кој се користи за гранична контрола и проверка на патници, се формирале долги редици на неколку аеродроми во државата.
Како што известија од полицијата имало прекин на целиот систем на национално ниво, поради што службениците морало рачно да ги обработуваат документите на патниците кои пристигнуваат од земји надвор од Шенген зоната.
Проблемот предизвика значителни доцнења, особено на аеродромот во Франкфурт, најфреквентниот во земјата.
Се уште не е позната причината за прекинот, а од аеродромот во Берлин потврдија дека патниците од земји надвор од Шенген зоната чекаат подолго на граничната контрола.
„Од околу 14 часот по локално време имаме прекин во системите за гранична контрола за летови од и кон зони надвор од Шенген“, изјави портпарол на аеродромот во Дизелдорф, додавајќи дека на патниците им се нудела вода како компензација.
Локалните медиуми известуваат дека некои патници чекале по два часа, а други биле задржани во авионите.