Падна снег во Саудиска Арабија

Пустинските и планинските предели на Саудиска Арабија се покриени со снежна покривка, откако студен бран и обилни врнежи донесоа снег во неколку региони, претворајќи ги планините опкружени со пустина во вистинска зимска глетка. Снежни врнежи се забележани и во делови од некои градови, пренесува РТС.

И саудиската престолнина Ријад се забелела под снег, поради што наставата во сите училишта во градот е привремено прекината. Националниот центар за метеорологија најави можност за уште повеќе снег во северните делови на регионот Ријад, додека покраините Ал-Маџма и Ал-Гат, северно од главниот град, исто така се под снежна покривка. Најмногу снег има на планинските венци, но врнежите не ја одминале ниту пустината.

Хусеин Ал-Кахтани, официјален портпарол на Националниот команден центар за метеорологија (NCM), објасни дека невообичаените временски услови се резултат на продор на студена воздушна маса во северниот дел на регионот Ријад, проследена со облаци што носат дожд.

„Ова доведе до пад на температурите под нулата на одредени локации, со што се создадоа услови за снежни врнежи“, изјави Ал-Кахтани.

Тој додаде дека центарот навремено издал предупредувања за временските услови и дека специјализирани тимови и понатаму ја следат состојбата. Се очекува и појава на посилен мраз, што е невообичаено за некои подрачја во северните и централните делови на Кралството.

Дел од жителите на Саудиска Арабија со воодушевување ги дочекаа снежните врнежи, споделувајќи фотографии и видеа од ретката појава.

Метеоролозите најавуваат дека ветровите над Црвеното Море ќе дуваат од северозападен до североисточен правец, со брзина од 25 до 50 километри на час, додека во Арапскиот Залив ќе бидат северозападни до западни, со брзина од 25 до 60 километри на час.

Генералната дирекција за цивилна заштита повика на зголемена претпазливост и почитување на препораките поради неповолните временски услови, советувајќи ги граѓаните да избегнуваат движење низ долини во овој период. Снежни врнежи се забележани и во Катар.

Зачлени се на нашиот е-билтен