Палестинското исламистичко движење Хамас „мора да се откаже од контролата“ врз Појасот Газа и да го положи оружјето, изјави палестинскиот премиер Мохамед Мустафа пред Генералното собрание на ОН.
-Изјавуваме дека Државата Палестина е подготвена да преземе целосна одговорност за управувањето и безбедноста во Газа, со арапска и меѓународна поддршка, рече тој. „Хамас мора да ја предаде својата контрола врз Појасот Газа и да го предаде своето оружје на Палестинската власт“, додаде Мустафа, потврдувајќи ги обврските преземени во јуни од претседателот Махмуд Абас во писмо до Франција и Саудиска Арабија. Двете земји се копретседатели на конференција во Њујорк оваа недела за решение на Блискиот Исток со две држави.
Мустафа додаде дека Палестинската самоуправа со седиште на Западниот Брег е подготвена да преговара со Израел.
„Само политичко решение со две држави може да ги исполни легитимните аспирации на Израелците и Палестинците да живеат во мир и безбедност. „Нема друга алтернатива“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на конференцијата.
-По 22 месеци неуспешни обиди, илузорно е да се надеваме на траен прекин на огнот без заедничка визија за повоениот период во Газа, без политички хоризонт и алтернатива на состојбата на трајна војна, нагласи тој.
Претходно, германскиот канцелар Фридрих Мерц објави дека Германија и Јордан ќе организираат „хуманитарен воздушен мост до Газа“ за да му помогнат на населението на територијата, кое според ОН се соочува со „алармантни нивоа“ на неухранетост.
-Министерот за одбрана Борис Писториус ќе соработува тесно со Франција и Велика Британија, кои исто така се подготвени да организираат таков воздушен мост за испорака на храна и медицински материјали, додаде канцеларот на прес-конференција во Берлин.
Се очекува Мерц денеска да се сретне со јорданскиот крал Абдула Втори.
Германскиот канцелар, кој е еден од најлојалните поддржувачи на Израел во војната против палестинското исламистичко движење Хамас, го повика Израел „веднаш, сеопфатно и трајно да ја подобри катастрофалната хуманитарна ситуација“ во Газа.