Палестинскиот претседател ги повика Хамас да го положат оружјето и да ја предадат власта

Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Претседателот на Палестинската власт, Махмуд Абас, ги повика Хамас да ги положат оружјето и да ја предадат контролата врз Појасот Газа на Палестинската власт.

Овој апел доаѓа во критичен момент за регионот, кога меѓународната заедница изразува сомнежи за капацитетот на Палестинската власт да игра долгорочна и одржлива улога во мировните процеси. Абас го изнесе повикот пред раководниот совет на Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО), каде се очекува да именува свој наследник под притисок на западни и арапски сили.

Иако и претходно барал Хамас да се стави под надлежност на Палестинската власт, Абас првпат по почетокот на војната отворено повика на разоружување.

„Хамас мора да ја предаде контролата врз Газа и да се трансформира во политичка партија,“ изјави тој. Хамас, кој ја презеде контролата над Газа во 2007 година по кратка граѓанска војна, досега одбива да го положи оружјето, и покрај повиците од САД и Израел.

Воениот судир меѓу Израел и Хамас ескалираше по нападот на 7 октомври 2023 година, кога милитантите на Хамас убија околу 1.200 лица и зедоа околу 250 заложници, според израелски податоци. Воениот одговор на Израел резултираше со над 50.000 жртви во Газа и уништување на голем дел од територијата, според здравствените власти таму. Израел, сепак, категорично ја отфрла можноста Палестинската власт да ја преземе контролата врз Газа по завршувањето на конфликтот.

Во обид да се изнајде решение, арапските држави предложија формирање преодна комисија која би управувала со Газа по завршувањето на војната, пред повторно да се врати под надлежност на ПА. САД, Европската унија и монархиите од Заливот, кои се очекува да го финансираат обновувањето на Газа, постојано бараат реформи во ПА. Абас, кој има 89 години, досега избегнуваше да именува наследник, но војната и меѓународниот притисок го принудуваат да направи промени на врвот на палестинското раководство.

Зачлени се на нашиот е-билтен