Палестинската вооружена група „Комитети за отпор“ (PRC), сојузничка фракција на Хамас, соопшти дека еден од нивните локални команданти бил убиен во операција на израелски тајни сили во близина на градот Деир ал-Балах, во централниот дел на Појасот Газа.
Според соопштението на групата, командантот Васем Абдел-Хади бил ликвидиран во, како што ја опишаа, „кукавичка и подмолна ликвидација“. Од PRC наведуваат дека Абдел-Хади имал значајна улога во развојот на вооруженото крило на организацијата и дека нивни борци учествувале во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Групата не упати директни закани за одмазда.
Израелските власти не ги коментираа тврдењата за атентатот, но израелската војска за Reuters изјави дека нивните сили убиле лице кое влегло во зона под израелска контрола и поставувало сомнителни предмети во област каде што се распоредени војници. Во посебен инцидент, велат, било убиено уште едно лице кое се приближило до израелските сили во окупиран сектор, претставувајќи „непосредна закана“. Двете лица војската ги опиша како „терористи“.
Иако на 10 октомври стапи во сила примирје, во Појасот Газа продолжуваат изолирани напади и размена на оган. Според палестинските здравствени власти, израелската огнена моќ во два одделни инцидента во населбата Шеџаија и во градот Бејт Лахија убила две лица. Министерството за здравство во Газа наведува дека најмалку 268 Палестинци биле убиени од почетокот на примирјето. Израел, пак, тврди дека палестинските милитанти во истиот период усмртиле тројца израелски војници.
Во двегодишната ескалација во Газа, според палестинските извори, загинале повеќе од 69.000 лица. Војната започна по нападот на Хамас врз Израел, во кој, според израелските податоци, беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 беа земени за заложници.

