Европската комисија разгледува воведување на дигитални даноци за да собере средства потребни за отплата на заедничкиот долг од 350 милијарди евра, кој настана по пандемијата на ковид-19, се наведува во интерен документ до кој дошол Politico.
Оваа контроверзна идеја би можела да ја доведе Европа во судир со САД, бидејќи може да се протолкува како одмазднички потег наспроти глобалната царинска офанзива од времето на администрацијата на Доналд Трамп.
Дигиталните даноци несразмерно би ги погодиле американските технолошки гиганти како Apple и Google. Против нив се и некои земји-членки на ЕУ, како Италија и Германија, кои во голема мера зависат од трговијата со Вашингтон. Европската комисија оваа можност ја отвори во пресрет на средбата на 27-те комесари за новиот буџет на Унијата за периодот 2028–2034 година.
„Меѓу опциите е и дигитален данок, имајќи ги предвид тешкотиите во постигнување договор врз основа на првиот столб од ОЕЦД-договорот“, напишаа претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и комесарот за буџет Пјотр Серафин во најавата за состанокот.
Во 2021 година, Комисијата се откажа од идејата за дигитален данок на ниво на ЕУ, за да го олесни постигнувањето на глобален даночен договор. Но, фон дер Лајен сега повторно го отвора ова прашање, особено ако тековните трговски преговори со САД пропаднат по 90-дневниот мораториум, кој истекува во јули.
Отплатата започнува во 2028 година
Без разлика на можните геополитички импликации, факт е дека ЕУ се соочува со вистинска потреба да врати заеднички долг од 350 милијарди евра, кој го финансираше фондот за обновување по пандемијата. Отплатата треба да започне во 2028 година и ќе чини помеѓу 25 и 30 милијарди евра годишно – околу 20% од годишниот буџет на Комисијата.
Првичните предлози за финансирање, вклучително и данок на увоз на јаглерод, емисии и добивка од мултинационални компании – беа одбиени од државите-членки. Поради тоа, Комисијата бара нови извори на приходи, пренесува Index.hr.
На 22 мај, Комисијата ќе ги информира националните експерти за различните опции. Во интерниот документ се наведува дека дигиталниот данок може да биде придружен со:
-данок на нерециклиран електронски отпад,
-царини за мали пакети,
-и такси за патници кои влегуваат во ЕУ.
Буџетска борба: региони против централизација
Централниот буџет на ЕУ, вреден 1,2 билиони евра, покрива сè – од субвенции за земјоделство до надворешна помош – и е политички многу чувствителен. Со најавата дека новиот буџет ќе биде претставен на 16 јули, преговорите меѓу клучните актери во ЕУ се засилуваат.
Во средата, Европската комисија ги ублажи своите планови за радикална реформа на начинот на кој функционира буџетот. Во значителна промена, се најавува дека регионите ќе продолжат да играат важна улога во следната буџетска рамка, што е отстапка кон Европскиот парламент и земји како Полска и Шпанија, кои беа против централизацијата.
Ова е важно, бидејќи регионите управуваат со кохезиските фондови, наменети за намалување на нееднаквоста меѓу европските области – средства што сочинуваат третина од буџетот на ЕУ.
„Наместо за ‘единствен национален план’, треба да се зборува за ‘национални и регионални партнерски планови’“, стои во документот на Комисијата.
Тоа претставува отстапување од порано предложениот концепт на Урсула фон дер Лајен – „план за секоја земја“ што ги поврзува реформите со инвестиции, како што напиша во писмо до комесарот Серафин во септември минатата година.