Научници предупредуваат на можноста за појава на мегацунами – џиновски бранови кои би можеле да избришат цели заедници од лицето на Земјата. Алјаска, Хаваи и западниот брег на копнениот дел на САД постојано се соочуваат со закана поради нивната близина до сеизмички активни зони, а новото предупредување конкретно се однесува на западниот брег.
Според најновото истражување објавено во угледното списание Proceedings of the National Academy of Sciences, потенцијално разорен земјотрес би можел да се случи долж субдукционата зона Каскадија – расед кој се протега од северот на островот Ванкувер до областа Кејп Мендосино во Калифорнија.
Научници од универзитетот Вирџинија Тек откриле дека силен земјотрес во комбинација со пораст на нивото на морето би можел да предизвика мегацунами кој најсилно би ја погодил северна Калифорнија, северен Орегон и јужен Вашингтон – загрозувајќи население и инфраструктура.
Што е мегацунами?
Мегацунами е разорен бран предизвикан од нагло поместување на огромна количина океанска вода. Може да биде предизвикан од земјотрес, свлечиште или вулканска ерупција.
Експертите предупредуваат дека постои околу 15% веројатност оваа сеизмичка зона да предизвика потрес со јачина од 8,0 или повеќе степени според Рихтеровата скала во наредните 50 години. Тоа би можело да доведе до слегнување на тлото по должината на брегот за дури два метри.
„Досега никој прецизно не пресметал кои точно области би можеле да бидат поплавени по голем земјотрес во зоната Каскадија. Поради тоа, сè уште не ја знаеме целосната слика за влијанието врз користењето на земјиштето, но е јасно дека последиците би можеле значително да го успорат опоравувањето на локалните заедници“, објаснува Тина Дура, авторка на студијата и професорка по геонауки на универзитетот Вирџинија Тек.
Три критични точки: Алјаска, Хаваи и Каскадија
Алјаска останува жариште на свлечишта поради нерамната геологија и честите земјотреси. Климатските промени ја влошуваат ситуацијата – топењето на глечерите ја дестабилизира структурата на планинските падини, предизвикувајќи лизгање на карпи.
Хаваите, како вулкански острови, имаат долга историја на мегацунамни предизвикани од уривање на вулкански падини. Пред околу 105.000 години, бран висок дури 300 метри го погодил островот Ланаи. Вулканите на Хаваите растат преку насобирање слоеви лава, што создава нестабилни падини – особено опасни при ерупции или земјотреси, кога милиони тони карпи може да се лизгаат во океанот, предизвикувајќи мегацунами. Особено ризичен е југоисточниот дел на Големиот остров, каде се наоѓаат активните вулкани Мауна Лоа и Килауеа. Последната ерупција на Килауеа е забележана на 16 мај.
Каскадија е една од најсеизмички активните зони во Северна Америка. Многу научници веруваат дека силен земјотрес во овој регион е речиси неизбежен во следните децении. Оваа зона е дел од т.н. „Огнен прстен“ – подрачје околу Тихиот Океан каде што Пацифичката плоча се судира со други тектонски плочи, предизвикувајќи силни земјотреси и најголем дел од вулканските ерупции на планетата.
Последен земјотрес со јачина над 8 степени во оваа зона се случил на 26 јануари 1700 година.
„Она што ја прави Каскадија особено ранлива е фактот што, иако регионот не е густо населен, многу мали заедници се наоѓаат покрај речни усти – токму на места кои би можеле да се спуштат за неколку метри при силен потрес. Тоа значи дека последиците по овие заедници би можеле да бидат посериозни од некои неодамнешни земјотреси низ светот“, нагласува професорката Тина Дура.