Папата Лав до бискупите: Обвиненијата за сексуално злоставување не смеат да се ставаат во фиока

„Со овие обвиненија мора да се соочиме – со милосрдие и со вистинска правда, и за жртвите и за обвинетите“, порача Папата Лав на затворен состанок со новите бискупи.

Папата Лав во најновиот текст објавен денеска од Ватикан, им порача на новите бискупи на Католичката црква дека мора отворено и одговорно да се соочат со обвинувањата за сексуално злоставување во свештенството, нагласувајќи дека тие не смеат да се игнорираат или затскриваат.

„(Обвиненијата) не можат да се стават во фиока“, изјавил Папата на затворен состанок одржан вчера, со околу 200 бискупи именувани изминатата година, според официјалниот преглед на Ватикан.

Скандалите поврзани со сексуално злоставување ја потресуваат Католичката црква веќе децении наназад, нанесувајќи ѝ сериозна штета на нејзиниот морален кредибилитет, предизвикувајќи скапи судски процеси и повлекување на влијателни црковни личности.

Во тој контекст, Папата Лав повика на искрена и одлучна акција.

„Бидете цврсти и решителни при соочувањето со сексуалното злоставување“, им порача тој на бискупите.

Папата Лав, кој беше избран во мај 2025 по смртта на Папата Франциско, покажа поддршка за клучните приоритети на својот претходник – вклучувајќи ја борбата против злоупотребите и отворањето на Црквата кон сите луѓе.

„Обновете го вашиот контакт со светот и одговарајте на прашањата што ги поставуваат мажите и жените на нашето време,“ рекол Папата Лав, додавајќи:
„Подготвените одговори што сте ги учеле пред 25 години во семинарија веќе не се доволни.“

Со овој повик до новите бискупи, Папата Лав испраќа силна порака дека е време Црквата да покаже прозрачност, одговорност и хуманост – не само со зборови, туку со дела.

Зачлени се на нашиот е-билтен