Папата Лав: Повторно упатувам силен апел за завршување на конфликтот во Светата Земја

Папа Лав денеска упати “силен апел” до меѓународната заедница за ставање крај на речиси двегодишниот конфликт меѓу Израел и Хамас, повикувајќи на траен прекин на огнот, ослободување на заложниците во Газа и итна хуманитарна помош.

„Повторно упатувам силен апел… за да се стави крај на конфликтот во Светата Земја, кој предизвика толку многу терор, уништување и смрт“, изјави Папата на својата неделна аудиенција во Ватикан.

„Се молам да бидат ослободени сите заложници, да се постигне траен прекин на огнот, да се овозможи безбеден пристап за хуманитарна помош и да се почитува меѓународното хуманитарно право.“, додаде Папата.

Папата не ги спомена директно Израел или палестинската милитантна група Хамас, но нагласи дека меѓународното право бара заштита на цивили, забрана на колективни казни, неизбирачка употреба на сила и принудно раселување на населението.

Папа Лав, првиот американски папа, беше избран од страна на кардиналите во мај, по смртта на Папата Франциск. Од почетокот на својот понтификат, Лав покажува поинаков стил, преферирајќи внимателно подготвени изјави и ретко импровизира.

Во однос на конфликтот во Газа, тој е повнимателен од неговиот претходник Франциск, кој претходно изјави дека треба да се разгледа дали израелската воена кампања претставува геноцид врз палестинскиот народ – изјава што предизвика реакции од израелски функционери.

Папа Лав претходно повика Израел да овозможи поголем хуманитарен пристап кон Појасот Газа, а својот најнов апел го повтори денеска, на крајот од неделната аудиенција.

Конфликтот се разгоре по нападот на Хамас на јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, и 251 лице беше киднапирано.

Како одговор, израелската армија започна копнени и воздушни напади, при што, според извештаи, се убиени најмалку 62.000 Палестинци, најголем дел цивили, уништен е голем дел од Појасот Газа, вклучувајќи болници, и е предизвикана масовна глад кај населението.

Зачлени се на нашиот е-билтен