Папата Лав XIV денес упати повик за ослободување на притворените новинари, нагласувајќи ја важноста на „скапоцениот дар на слободата на говорот и медиумите“.
Во обраќањето пред околу 6.000 новинари кои се собраа во Рим за да го следат изборот на новиот папа, Лав XIV, првиот Американец кој застанал на чело на Римокатоличката црква, беше пречекан со стоечки овации при неговото прво јавно појавување во салата на Ватикан.
Тој ги повика новинарите да го користат својот глас за промовирање на мирот, да се оддалечат од реториката на војната и да им дадат глас на оние кои го немаат.
Папата изрази солидарност со новинарите ширум светот кои се во затвор поради, како што рече, нивната потрага по вистината и нивната посветеност на известувањето.
„Црквата во овие сведоци – мислам на оние што известуваат од зони на конфликт, дури и по цена на сопствениот живот – ја препознава храброста на оние кои го бранат достоинството, правдата и правото на луѓето да бидат информирани. Бидејќи само информирани граѓани можат да донесуваат слободни одлуки“, изјави Папата.
Тој додаде дека страдањето на притворените новинари претставува сериозен предизвик за државите и меѓународната заедница, повикувајќи ги сите да го заштитат „скапоцениот дар на слободата на говорот и медиумите“.