Папата Лав XIV денеска треба да ја напушти болницата „Џемели“ во Рим, четири дена по операцијата на рак на белите дробови, соопшти Ватикан. Одлуката следува по медицинските прегледи кои потврдиле дека неговата здравствена состојба се подобрува. Вчера папата служеше миса во болницата, а Ватикан ги објави и првите фотографии од него по хируршката интервенција.
Според најновото соопштение на Светата столица, 71-годишниот поглавар на Римокатоличката црква ќе се врати во Ватикан во попладневните часови, откако лекарите утврдиле дека неговата состојба дозволува да продолжи со закрепнувањето надвор од болницата.
„По утринската лекарска процена, папата Лав XIV денеска ќе биде отпуштен од болницата ‘Џемели’, каде што беше хоспитализиран поради операција на десното белодробно крило“, соопшти Ватикан.
На фотографиите објавени во петокот, папата е прикажан како стои пред импровизиран олтар во просторија на десеттиот кат од болницата, облечен во зелена литургиска облека. Покрај него е неговиот личен секретар, перуанскиот свештеник Едгар Римајкуна.
На мисата присуствувале лекари, медицински сестри, дел од болничкиот персонал и припадници на ватиканската жандармерија.
Папата им се заблагодарил на здравствените работници за нивната грижа за пациентите, особено за вниманието и третманот што ги добил за време на хоспитализацијата.
Лав XIV беше опериран во вторникот, 13 октомври, откако лекарите откриле промена на десното белодробно крило. За време на интервенцијата било потврдено дека станува збор за малиген тумор, поради што бил отстранет долниот лобус на десното белодробно крило.
Операцијата поминала без компликации, а лекарите во изминатите денови соопштуваа дека закрепнувањето се одвива според очекувањата.
Во четвртокот, рендгенската снимка покажала добро повторно ширење на оперираното белодробно крило, додека последните анализи на крвта и снимките направени денеска потврдиле дека папата може да биде отпуштен од болница.
Според лекарите, тој веќе самостојно ги извршува секојдневните активности и продолжува со респираторна физиотерапија.
Сè уште се очекуваат дополнителни резултати од испитувањата што треба да утврдат дали малигното заболување се проширило и дали ќе биде потребно понатамошно лекување.
И покрај операцијата, папата продолжи со дел од своите службени обврски. Во петокот телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, изразувајќи загриженост за хуманитарните последици од војната во Украина.
Од Ватикан потврдија дека Лав XIV утре, 18 октомври, ќе ја предводи традиционалната неделна молитва „Ангел Господов“ од прозорецот на папскиот апартман, пред верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“.
Ова ќе биде негово прво најавено јавно појавување по операцијата.

