Папата Лав XIV, првиот американски папа во историјата на Римокатоличката црква, денеска ја одржа својата прва миса како врховен поглавар, во Сикстинската капела, пред кардиналите кои го избраа за наследник на папата Франциск и продолжувач на неговата мисија за социјална правда.
Облечен во традиционалната бела папска облека, папата Лав XIV влезе во капелата и ги благослови кардиналите додека се приближуваше до олтарот, зад кој се наоѓа ремек-делото „Страшниот суд“ на Микеланџело.
Својата прва миса ја одржа на англиски јазик, обраќајќи им се на кардиналите:
„Ме повикавте да го носам крстот и да бидам благословен“, рече тој, повикувајќи ги на заеднички напори во ширењето на католичката вера.
Ова беше првпат папата Лав да се обрати јавно на англиски. Во своето прво обраќање до светот од балконот на базиликата Свети Петар, веднаш по изборот, зборуваше на италијански и шпански.
Инаку, мисионерот Роберт Превост, роден во Чикаго, е избран вчера попладне за 267. папа, под името Лав XIV – станувајќи првиот папа од САД.
Конклавата траеше два дена и заврши со појавување на белиот чад од Сикстинската капела. Новиот папа се очекува да ги продолжи реформите започнати од неговиот претходник, папата Франциск, кој почина на 21 април.