Папата отвора климатски центар во Италија – со предавања и продажба на маслиново масло, сирење и вино

EPA-EFE/FABIO FRUSTACI
EPA-EFE/FABIO FRUSTACI

Папата Лав задутре ќе го отвори новиот ватикански центар за еколошка обука во Кастел Гандолфо, како дел од иницијатива чија цел е да ги поттикне светските лидери посериозно да се справат со климатските промени.

Центарот се простира на 55 хектари од папското имање од ренесансниот период и опфаќа градини, објекти за обука и едукативни содржини за локалните деца. „Ако ние, како најмала држава во светот, можеме да направиме вакво нешто, колкав е потенцијалот за многу поголемите земји? Нашиот свет може да биде поинаков ако соработуваме,“ изјави американскиот свештеник и директор на центарот, Мануел Дораntес.

Проектот „Borgo Laudato Si“ првпат беше најавен во 2023 година од покојниот папа Франциско, кој силно се залагаше за заштита на животната средина. Центарот го носи името на неговата енциклика од 2015 година, првиот папски документ што јавно го прифати научниот консензус за климатските промени и ги повика државите да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид.

Папата Лав, првиот Американец на чело на Римокатоличката црква, ја продолжува оваа мисија и неодамна им дозволи на свештениците да служат специјална миса посветена на грижата за Земјата.

Центарот е изграден на местото каде што со векови папите летувале. Во неговиот фокус е модерен стакленик чија форма ја следи колонадата на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан. Таму групи посетители ќе можат да учат за органско земјоделство, а во образовниот објект со десет училници ќе се одржуваат предавања.

За туристите, центарот ќе нуди и локални производи – органско маслиново масло, вино од ватиканските лозја и сирење од стадото од околу 60 крави кои се одгледуваат на имотот.

Зачлени се на нашиот е-билтен