Папата Лав XIV изјави дека е „многу разочаран“ од одлуката на американската сојузна држава Илиноис да усвои закон со кој се дозволува медицински потпомогнато самоубиство, повикувајќи на поголемо почитување на човечкиот живот.
Папата, кој потекнува од Илиноис, потврди дека за ова прашање директно разговарал со гувернерот Џеј Би Прицкер, апелирајќи тој да не го потпише законот. Ист апел, како што посочи, упатил и чикашкиот кардинал Блејз Кјупич. Папата се обрати пред новинарите додека ја напушташе својата летна резиденција во Кастел Гандолфо, јужно од Рим.
„Бевме многу јасни за потребата од почитување на светоста на животот – од самиот почеток до самиот крај. За жал, од различни причини, гувернерот одлучи да го потпише законот и поради тоа сум длабоко разочаран“, изјави папата.
Гувернерот Прицкер го потпиша законот на 12 декември. Мерката е позната како „Дебин закон“, именувана по Деб Робертсон, жителка на Илиноис која боледува од ретка терминална болест и која јавно се залагаше за донесување на законот, сведочејќи за страдањата на тешко болните лица и нивните семејства.
Прицкер, кој е член на Демократската партија, претходно изјави дека врз неговата одлука силно влијаеле личните приказни на пациенти кои се соочуваат со неизлечиви болести.
Папата Лав XIV, кој пораснал во Чикаго, се повика на учењето на Католичката црква, според кое животот мора да се штити од зачнувањето до природната смрт и кое се спротивставува на еутаназијата.
Тој ги повика верниците, особено во божиќниот период, да размислат за вредноста и добрината на човечкиот живот и изрази надеж дека почитувањето на животот повторно ќе се зајакне во сите негови фази.
Шест католички бискупии во Илиноис јавно го критикуваа потпишувањето на законот, оценувајќи дека со тоа државата се става „на опасен и болен пат“.
Според податоци на организацијата „Death With Dignity“, медицински потпомогнато самоубиство е дозволено во уште 11 сојузни држави на САД и во Дистриктот Колумбија. Најново, ваков закон стапува на сила во Делавер од 1 јануари 2026 година, додека уште седум држави ја разгледуваат можноста за негово воведување.