Патничка роди девојче во авион на лет од Дакар до Брисел

Во летот на „Brussels Airlines“ од Дакар за Брисел, патничка родила девојче додека се наоѓала во 32-та недела од бременоста. Жената почувствувала силна болка по полетувањето и побарала помош од екипажот. За среќа, меѓу патниците биле присутни лекар и медицинска сестра кои ја помогнале во овој неочекуван момент.

„Мојата прва мисла беше: О, таа нема да се породи во авион“, изјави 22-годишната медицинска сестра за „Brussels Morning“. Сепак, породувањето поминало без проблеми, а жената ја родила својата ќерка без да прима лекови против болка. Бебето, кое го доби името Фанта, било во добра здравствена состојба и веднаш по породувањето било прегледано од лекарот во авионот.

Пилотите, по добиената информација, размислувале да се вратат во Дакар, но родилката веќе започнала со породувањето, а бебето се родило во текот на летот. „Првите моменти беа напнати – дали е добро? Дали дише? И тогаш, најубавиот звук ја исполни кабината: нејзиниот прв плач“, соопшти авиокомпанијата.

По успешното породување, среќната стјуардеса позирала со новороденчето во рацете, додека мајката се одморала покрај неа. „Добре дојде во светот, мала Фанта. Се надеваме дека еден ден повторно ќе патуваш со нашите авиони“, стои под фотографијата која авиокомпанијата ја објави на социјалните мрежи.

Зачлени се на нашиот е-билтен