Пентагон: Кина распоредила повеќе од 100 интерконтинентални балистички ракети

Mariordo Camila Ferreira & Mario Duran, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons
Mariordo Camila Ferreira & Mario Duran, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Кина најверојатно распоредила повеќе од 100 интерконтинентални балистички ракети во три полиња со силоси и истовремено не покажува интерес за преговори за контрола на вооружувањето, се наведува во нацрт-извештај на Пентагон, во кој имала увид агенцијата Ројтерс.

Во извештајот се посочува дека Пекинг го шири и модернизира својот нуклеарен арсенал побрзо од која било друга нуклеарна сила. Кинеските власти, пак, тврдењата за воено зајакнување ги оценија како обиди за „оцрнување и дискредитација на Кина и намерно доведување во заблуда на меѓународната заедница“.

Минатиот месец, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека можеби работи на план за денуклеаризација со Кина и Русија. Сепак, според нацртот на извештајот на Пентагон, Пекинг не покажува интерес за вакви иницијативи.

„И понатаму не гледаме интерес од страна на Пекинг за спроведување вакви мерки или за пошироки разговори за контрола на вооружувањето“, се наведува во документот.

Зајакнување на нуклеарниот арсенал

Во извештајот се прецизира дека Кина најверојатно распоредила повеќе од 100 интерконтинентални балистички ракети DF-31 на цврсто гориво во силосни полиња во близина на границата со Монголија. Иако Пентагон и претходно информираше за постоењето на овие полиња, ова е првпат официјално да се наведе бројот на распоредени ракети.

Според проценките, Кина во 2024 година располагала со нешто повеќе од 600 нуклеарни боеви глави, што укажува на „побавна стапка на производство во споредба со претходните години“. Сепак, се додава дека нуклеарното проширување продолжува и дека до 2030 година Кина би можела да располага со над 1.000 боеви глави.

Кинеските власти тврдат дека се придржуваат до стратегија на „нуклеарна самоодбрана“ и политика на непрва употреба на нуклеарно оружје.

Фокусот на Тајван

Извештајот на Пентагон детално го опишува кинеското воено зајакнување и наведува дека „Кина очекува да може да води и да добие војна за Тајван до крајот на 2027 година“. Пекинг, кој демократски управуваниот Тајван го смета за своја територија, никогаш не се откажал од можноста за употреба на сила за „повторно обединување“ со островот.

Според извештајот, Кина ги унапредува своите воени опции за заземање на Тајван со „брутална сила“, при што една од можностите вклучува и удари врз цели оддалечени меѓу 1.500 и 2.000 наутички милји од кинеското копно.

„Во доволно голем обем, ваквите удари би можеле сериозно да го загрозат и нарушат присуството на САД во или околу потенцијален конфликт во азиско-пацифичкиот регион“, се заклучува во извештајот.

Зачлени се на нашиот е-билтен