Пентагон не спровел вообичаена истрага за тоа дали министерот за одбрана Пит Хегсет ја загрозил националната безбедност со споделување чувствителни воени информации во групен разговор на апликацијата Signal. Според повеќе извори упатени во случајот, проценката на штетата не била ни иницирана, делумно затоа што самиот Хегсет никогаш не ја одобрил, пренесува CNN.
По секое неовластено откривање класифицирани одбранбени податоци вообичаено се започнува постапка за ревизија и проценка на штетата со цел да се утврди дали се компромитирани извори, методи или тековни американски воени и разузнавачки операции. Но Хегсет не наредил таква проценка, потврдуваат двајца поранешни високи функционери на Пентагон и еден актуелен американски претставник. Наместо тоа, откако содржината од Signal излезе во јавноста, тој покрена внатрешна истрага против осомничени за „протекување“, дури и заканувајќи се со полиграф за оние за кои сметал дека откриваат информации неповолни за него. Овие закани создале „застрашувачки ефект“ меѓу дел од персоналот на Министерството, кој станал крајно внимателен да не биде погрешно протолкуван како опструкција.
Веста дека Пентагон не спровел проценка на штета се појави само неколку дена по објавувањето на извештајот на главниот инспектор, кој заклучи дека Хегсет, со делење на високо чувствителни планови за напади врз бунтовниците Хути во Јемен, го изложил на ризик животот на американските војници. Според експертите, вакво прекршување без исклучок би требало да резултира со сеопфатна проценка на штетата, особено затоа што инспекторскиот извештај имал ограничен опсег.
И покрај тоа, Пентагон нема намера да продолжи со истрагата, велат извори упатени во ситуацијата. Хегсет погрешно ги толкувал резултатите, тврдејќи дека е „целосно ослободен“ и дека „немало класифицирани информации“. Надзорните тела, сепак, не сакаа да се изјаснат за неговата надлежност да декласифицира информации, признавајќи дека истрагата била ограничена и отежната од неговото одбивање да соработува.
Поранешни функционери објаснуваат дека проценката на штетата, дури и без соработка од инволвираните лица, може да утврди кој материјал е споделен, кој имал пристап до него и кои оперативни или контраразузнавачки последици може да произлезат. Одлуката на Пентагон да чека извештај од инспекторот, наместо да го следи вообичаениот протокол, е спротивна на стандардната пракса, велат други сегашни и поранешни функционери.
Дополнителен проблем е што ниту американските разузнавачки агенции, ниту ФБИ не биле контактирани да помогнат во проценката, иако деталите што ги споделил Хегсет произлегувале од воени канали и потенцијално влијаеле врз многу операции. Иако инспекторот потврди дека Хегсет има широка овласт за декласификација, не е пронајдена никаква документација дека тој формално го спровел процесот, што би вклучувало писмена наредба и известување до повеќе високи функционери на Пентагон.
Паралелно со овој случај, минатата недела Министерството за одбрана и Министерството за правда објавија дека полковник на американското воено воздухопловство се изјаснил виновен за испраќање класифицирани планови за претстојна операција на лице што немало овластување да ги прима. Податоците што ги испратил, време на операцијата, цели и методи, биле слични по чувствителност на оние што ги споделил Хегсет. Полковникот сега се соочува со до 10 години затвор, додека за Хегсет не е покрената никакова истрага.