Израел ја погоди главната болница во јужна Газа со двоен ракетен напад во понеделник, при што загинаа најмалку 20 лица, вклучувајќи четворица новинари, соопштија медицински претставници, пренесуваат Би-Би-Си и Асошиетед прес.
Првиот напад го погоди горниот кат од една од зградите во болницата Насер. Неколку минути подоцна, додека новинарите и спасувачите во портокалови елеци се упатија по надворешно скалиште кон местото на настанот, втора ракета го погоди истото место, изјави д-р Ахмед ал-Фара, раководител на педијатрискиот оддел на Насер.
Меѓу убиените беше и 33-годишната Маријам Дага, визуелна новинарка која работела за Асошиејтед Прес. Дага редовно известуваше за повеќе медиуми од болницата Насер, вклучувајќи и неодамнешна сторија за Асошиејтед Прес за лекарите кои се борат да спасат деца од глад.
Ал Џезира и Ројтерс, исто така, потврдија дека нивните новинари и хонорарци се меѓу убиените.
Израелската војска во соопштение потврди дека погодила цели во областа на болницата. Се вели дека ќе спроведе истрага за инцидентот и дека „жали за каква било штета на незаинтересирани лица и не ги таргетира новинарите како такви“.
Ова беше најновиот од повеќекратните израелски напади врз болниците во текот на војната. Болниците беа преполни со ранети од војната, а сега и со зголемен број неухранети, бидејќи делови од Газа тонат во глад. Палестинците се соочуваат и со ескалирана израелска офанзива во градот Газа, што се заканува со поголем бран на раселување.