Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, денеска ги повика властите во Србија итно да ја ослободат професорката Марија Васиќ и останатите политички затвореници, истакнувајќи дека лидерите на Европската Унија мора да реагираат.
„Професорката Марија Васиќ, која штрајкува со глад и жед, е животно загрозена! Повикувам на итно ослободување на неа и другите политички затвореници во Србија! Нема причина да се држат во нехумани услови. Граѓаните на Србија заслужуваат живот во држава без правно и друго насилство. Лидерите на ЕУ мора да реагираат“, напиша Пицула на социјалната мрежа Икс, објавувајќи на хрватски и англиски јазик.
Марија Васиќ, заменичка претседател на новосадскиот одбор на Покрет слободних грађана (ПСГ) и професорка во гимназијата „Јован Јовановиќ Змај“, беше уапсена на 14 март, заедно со уште петмина активисти – Младен Цвијетиќ, Лада Јововиќ, Срѓан Ѓуриќ, Давор Стефановиќ и Лазар Диниќ од движењето Студенти против авторитарна власт (СТАВ).
Таа започна штрајк со глад и жед откако неделава притворот им беше продолжен за нови 30 дена. Се товарат за обид за уривање на уставниот поредок, врз основа на прислушуван разговор од 12 март, објавен од провладини медиуми.
На тој состанок присуствувале и шест други активисти кои во моментот на апсењето биле надвор од Србија – во ЕУ: Мила Пајиќ, Бранислав Ѓорѓевиќ, Доротеја Антиќ, Дејан Багариќ, Ања Питулиќ и Јован Дражиќ. Оттогаш не се вратиле, а нивните домови биле претресени.
Минатата недела Европскиот парламент усвои резолуција, на предлог на Пицула, со која бара итно пуштање на уапсените од притвор.
„Европскиот парламент ги повикува српските власти да ги ослободат Марија Васиќ, Лазар Диниќ, Младен Цвијетиќ, Лада Јововиќ, Срѓан Ѓуриќ и Давор Стефановиќ“, се наведува во резолуцијата од 7 мај.
Во неа, Европскиот парламент изрази жалење поради „наводното незаконско прислушување“ и приведувањето на активистите на ПСГ и СТАВ, како и распишаните потерници за оние кои се во странство.