По 14 години пауза повторно се активира најголемата нуклеарна електрана во светот

Јапонската енергетска компанија Tokyo Electric Power Company (TEPCO) најави дека на 20 јануари идната година ќе започне со повторно пуштање во работа на првиот блок од нуклеарната електрана Кашивазаки-Карива, која важи за најголема во светот. Информацијата ја соопшти претседателот на компанијата, Томијаки Кобајакава.

Претходно оваа недела, собранието на јапонската префектура Ниигата, каде што се наоѓа електраната, даде согласност за делумно повторно активирање на капацитетот. Ова ќе биде прво рестартирање на нуклеарна централа на ТЕПКО по катастрофата во Фукушима Даичи во 2011 година.

Електраната Кашивазаки-Карива, сместена на околу 220 километри северозападно од Токио, беше меѓу 54-те јапонски нуклеарни реактори затворени по силниот земјотрес и цунамито во 2011 година, кои доведоа до најтешката нуклеарна несреќа по катастрофата во Чернобил.

„Како компанија што ја сноси одговорноста за несреќата во Фукушима Даичи, ќе ги примениме сите научени лекции и искуства. Повторното пуштање, прво по 14 години, ќе се спроведе со безбедноста како апсолутен приоритет“, изјави Кобајакава.

Јапонија досега повторно активира 14 од 33 реактори што сè уште се сметаат за технички оперативни, во обид да ја намали зависноста од увоз на фосилни горива. Во ноември, владата претстави и предлог за систем на јавни заеми, како дел од планот за удвојување на уделот на нуклеарната енергија во националниот енергетски микс.

Вкупниот инсталиран капацитет на електраната изнесува 8,2 гигавати, што е доволно за снабдување со електрична енергија на неколку милиони домаќинства. Со најавеното рестартирање во јануари ќе биде активиран еден блок со капацитет од 1,36 гигавати, додека втор блок со ист капацитет се очекува да биде пуштен во употреба околу 2030 година.

Од ТЕПКО наведуваат и дека дел од преостанатите пет блокови би можеле трајно да бидат исклучени од енергетскиот систем.

Зачлени се на нашиот е-билтен