По катастрофата во Индонезија сè погласни повици да запре сечата и уништувањето на шумите

Смртоносните поплави што во Индонезија однесоа стотици животи се последица на монсунските дождови и ретка тропска бура, но експертите предупредуваат дека клучна улога имало и прекумерното сечење на шумите. Според најновите податоци објавени во вторник, бројот на жртвите од поплавите и свлечиштата на островот Суматра се искачи на 753 лица, а уште 504 се водат како исчезнати, соопшти агенцијата за справување со катастрофи.

Еколози, активисти за заштита на животната средина, па дури и индонезиската влада, укажуваат дека драматичниот губиток на шумски површини придонел за бујичните поплави и свлечишта што донесоа кал, дрвја и поројни наноси во населбите, оставајќи ги жителите заробени на покривите од нивните домови. Шумите ја впиваат водата, го стабилизираат тлото и спречуваат ерозија, а нивното исчезнување ги прави областите значително поранливи.

Индонезија со години е меѓу земјите со најголем годишен губиток на шуми – рударството, плантажите и честите пожари уништиле огромни површини прашума во последните децении. Во 2024 година исчезнале повеќе од 240.000 хектари примарна шума, покажува анализата на стартапот за заштита на природата The TreeMap’s Nusantara Atlas. „Шумите делуваат како заштитна бариера, како сунѓер“, објаснува основачот Дејвид Гаво. „Крошните ја задржуваат дождовницата, а корените го стабилизираат тлото. Кога ќе се исече шумата, водата побрзо надоаѓа во реките и создава бујични поплави.“

Притисок врз властите да ја запрат сечата

Екологистите подолг период бараат од владата посилна заштита на шумите, кои се клучни за апсорпција на јаглеродниот диоксид и ублажување на климатските промени. Индонезиските шуми се дом на извонредна биолошка разновидност и критично загрозени видови, вклучувајќи ги и орангутаните.

По катастрофата, и самиот претседател Прабово Субианто упати остро предупредување: „Мора навистина да спречиме сеча и уништување на шумите. Заштитата на нашите шуми е од суштинско значење“, изјави тој во петокот, откако штетите станаа видливи. Поплавите не само што предизвикаа свлечишта и поројни наноси, туку со себе донесоа и масивни стебла, што дополнително ги поттикна сомнежите за врска меѓу незаконската сеча и катастрофата.

На плажата во Паданг, новинар на АФП забележал екипи со заштитна опрема како со моторни пили ги расчистуваат огромните трупци исфрлени на брегот. Министерството за шумарство веќе ги истражува наводите за нелегална сеча во погодените подрачја. Министерот Раџа Џули Антони изјави дека трагедијата е „можност за преиспитување на нашите политики“ и дека балансот меѓу економијата и екологијата мора да се врати во рамнотежа.

Компании и плантажи што го зголемуваат ризикот

Во едно од најпогодените подрачја, Батанг Тору, „седум компании работат во горните текови“, вели Ули Арта Сиагијан од организацијата Валхи. Таму се наоѓа рудник за злато кој расчистил околу 300 хектари шума, а изградбата на хидроелектраната Батанг Тору придонела за уништување на дополнителни 350 хектари.

Дополнителен проблем е што големи површини прашума се претворени во плантажи со палмино масло, што уште повеќе ја зголемува ранливоста. Губитокот на шуми доведува до ерозија и таложење на тлото во коритата на реките, намалувајќи го нивниот капацитет и зголемувајќи го ризикот од ненадејни поплавни бранови.

Според Хери Пурному од Центарот за меѓународно истражување за шумарство (CIFOR-ICRAF), неопходни се две итни мерки: „Да се спречи и избегне понатамошното сечење на шумите и што побрзо да се започне со нивна обнова.“

Зачлени се на нашиот е-билтен