По нападот на Националната гарда Трамп бара повторна проверка на сите авганистански бегалци

Американскиот претседател Доналд Трамп повика на целосна ревизија на сите Авганистанци кои влегле во САД за време на администрацијата на Џо Бајден, откако официјалните лица го идентификуваа осомничениот за пукањето врз двајца припадници на Националната гарда како 29-годишниот Рахманулах Лаканвал, државјанин на Авганистан.

Според соопштението на Министерството за внатрешна безбедност, Лаканвал влегол во САД преку програмата што им дозволуваше на Авганистанците да добијат привремен престој по повлекувањето на американските сили од Авганистан во 2021 година. Оваа година добил и азил, јавува CNN.

Нападот се случил во центарот на Вашингтон, во близина на метро-станицата Farragut West, неколку стотици метри од Белата куќа. Дватајцата припадници на Националната гарда се во критична состојба. Осомничениот е уапсен и хоспитализиран со прострелни рани кои, според полицијата, не се опасни по живот.

Трамп: „Ова е чин на тероризам“

Претседателот Трамп остро реагираше, нарекувајќи го нападот „чин на терор“, и обвини дека ваквите инциденти се последица на „лабавата имиграциска политика на Бајден“.

„Мора повторно да го провериме секој поединец што влегол од Авганистан под Бајден“, изјави Трамп, додавајќи дека „ќе бидат преземени сите неопходни мерки за отстранување на оние што не ѝ припаѓаат на нашата земја“.

Веднаш по неговата изјава, Американската служба за државјанство и имиграција објави дека ги запира сите имиграциски постапки поврзани со авганистански државјани – на неопределено време.

Говорејќи од Флорида, Трамп најави дека осомничениот „ќе ја плати највисоката можна цена“ и ја искористи шансата да го критикува Бајден, оценувајќи дека Авганистан е „пекол на Земјата“ и дека бегалците биле донесени „на тие срамни летови“ во 2021 година. Трамп во изјавата не го спомена процесот на проверка од страна на американските воени, разузнавачки и имиграциски служби.

Детали за нападот

Полицијата соопшти дека напаѓачот „сврте зад аголот и веднаш почнал да пука“ кон двајцата гардисти. На социјалните мрежи се појавија видеа и фотографии од приведувањето на осомничениот и од членовите на Националната гарда како укажуваат итна помош на ранетите.

Во Вашингтон веќе неколку месеци се распоредени околу 2.375 припадници на Националната гарда, откако администрацијата на Трамп прогласи „криминална вонредна состојба“ во август. Претседателот најави дека ќе распореди уште 500 гардисти.

Правни спорови околу распоредувањето на гардата

Федералниот судија Џија Коб неодамна пресуди дека распоредувањето на Националната гарда во Вашингтон е веројатно незаконско и треба да биде прекинато, но одлуката ќе стапи на сила дури следниот месец. Администрацијата на Трамп веќе поднесе жалба.

Имињата на ранетите гардисти официјално не се објавени, но NBC јавува дека двајцата се од Западна Вирџинија.

Инцидентот дополнително ги разгори политичките тензии во САД, отворајќи нов фронт во дебатата околу имиграцијата, безбедноста и политиките за бегалци донесени по падот на Авганистан во 2021 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен