По Трамп, Израел испрати последно предупредување до Хамас

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, му нареди на Хамас да се предаде или ќе се соочи со уништување, додека американскиот претседател Доналд Трамп во неделата навечер испрати „последно предупредување“ до палестинскиот исламистички движење, повикувајќи го да ги ослободи сите заложници.

„Ова е последно предупредување до убијците и силувачите од Хамас во Газа и во луксузните хотели во странство. Ослободете ги заложниците и положете ги оружјата, или Газа ќе биде уништена, а и вие ќе бидете уништени“, напиша Кац на платформата Икс (X).

Тој додаде дека денес „разорно невреме ќе го погоди небото над градот Газа, а крововите на терористичките кули ќе се тресат“. Израелската војска продолжува со своите операции според планираното и се подготвува да ги прошири маневрите за да ја заземе Газa.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата најави проширување на воените операции во и околу градот Газа. Тој посочи дека околу 100.000 жители веќе ја напуштиле Газa, најголемиот град на палестинската територија.

Според последните проценки на ОН, речиси еден милион луѓе сè уште живеат во градот и неговата околина.

Иако ниту војската ниту владата на Нетанјаху официјално не објавиле почеток на голема офанзива во Газа, која била одобрена во август, војската во последните недели интензивираше бомбардирања и копнени операции во градот и околината.

Трамп истакна дека испратил „последно предупредување“ до Хамас за ослободување на израелските заложници од Појасот Газа и предупреди за последиците доколку движењето тоа го одбие.

Зачлени се на нашиот е-билтен