Почина Чарлс Норман Шеј, домороден Американец и ветеран од Втората светска војна

Американскиот етеран од Втората светска војна, Чарлс Норман Шеј, домороден Индијанец од племето Пенобскот и сведок на најкрвавите часови од сојузничкото искрцување во Нормандија почина денес на возраст од 101 година.

Како што пренесе Ројтерс, неговата негувателка Мари-Паскал Легра соопшти дека Шеј мирно се преселил во вечноста во својот дом во близина на градот Кан, во францускиот регион Нормандија.

Шеј беше еден од околу 500 американски Индијанци што учествуваа во историското искрцување на 6 јуни 1944 година, пресвртен момент во сојузничката офанзива против нацистичка Германија. На само 19 години, тој како медицински техничар претрчувал преку плажата под жесток оган, спасувајќи војници од брановите и преврзувајќи рани,  херојски чин за кој беше одликуван со Сребрена ѕвезда, три Бронзени ѕвезди и со францускиот Орден на Легијата на честа.

Регионалната управа на Нормандија на платформата Х објави дека „Нормандија денес изгуби еден од своите херои и чувари на сеќавањето“, потсетувајќи на значењето на неговото животно дело.

Роден на 27 јуни 1924 година во резерватот на островот Пенобскот во американската држава Мејн, Шеј по војната продолжи да го негува споменот на паднатите соборци. Во 2017 година се пресели во Нормандија и стана препознатлива фигура на годишните комеморации, секогаш скромен и повторувајќи дека „не е херој, туку само војник кој ја извршувал својата должност“.

„Изгубивме многу луѓе. Морав да ги заборавам сите за да можам да се концентрирам на задачата“, изјави тој во интервју за француските медиуми во 2019 година.

Споменикот посветен на американските Индијанци кои служеле во Втората светска војна – подигнат на неговa иницијатива на плажата Сен Лоран сир Мер, останува траен доказ за нивната жртва и за неговата посветеност да не се заборави историјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен