Компанијата „Рапид Билд“ ќе го гради гасниот интерконектор со Грција, проект вреден 60 милиони евра кој треба да биде завршен во рок од 22 месеци, а пуштен во употреба во 2027 година. Денеска во Министерството за енергетика беше потпишан договорот за реализација на најголемиот енергетски проект во последната деценија.
Министерката за енергетика Сања Божиновска истакна дека новиот договор е 12 милиони евра поевтин од неуспешниот прв тендер.
„Очекуваме интерконекторот да ни обезбеди алтернативен влез за природен гас, што значи поголема сигурност, повеќе извори и намалување на зависноста од единствен снабдувач“, рече таа.
Изградбата треба да започне веќе за еден месец. И министерката и сопственикот на „Рапид Билд“, Тони Каранфиловски, уверуваат дека теренските работи ќе почнат веднаш, со оглед на тоа што компанијата веќе располага со потребната механизација и опрема.
Сепак, единствениот потенцијален ризик за одложување на проектот е недовршената експропријација на делови од трасата.
„Доколку не е решена експропријацијата на некој дел од трасата, ние не можеме да почнеме со работа. Тоа ни се случи и во минати проекти. Но, ако сè е завршено, нема да има пречки“, изјави Каранфиловски.
Од државната компанија „Номагас“ уверуваат дека експропријацијата е завршена во над 90% од трасата.
Македонскиот дел од интерконекторот ќе се протега во должина од 68 километри, од Гевгелија до Неготино. Финансирањето е обезбедено преку кредити и грантови од меѓународни финансиски институции.