Полицијата исели околу 400 мигранти од напуштена училишна зграда во Шпанија

Полицијата во североисточниот дел на Шпанија денеска спроведе акција за иселување на околу 400 мигранти од напуштена училишна зграда во градот Бадалона, во близина на Барселона, каде што тие престојувале без соодветни документи.

Одлуката за иселување ја донел суд, кој оценил дека објектот е небезбеден за живеење. На иселените лица им е овозможен пристап до социјална помош, но не е донесена конкретна мерка за нивно трајно сместување.

Акцијата поминала претежно мирно, иако полицијата привела 18 лица под сомнение дека нелегално престојуваат во земјата.

Поголемиот дел од мигрантите потекнуваат од Сенегал и Гамбија и се вселиле во напуштеното училиште во 2023 година. За егзистенција главно се издржувале преку собирање и продажба на отпаден метал.

Дел од иселените мигранти поседувале дозволи за престој и работа во Шпанија, но поради високите трошоци не биле во можност да обезбедат друго сместување.

Според шпанскиот весник „Ел Паис“, градските власти на Бадалона ќе понудат привремено засолниште за околу 30 лица, додека регионалните служби на Каталонија ќе се погрижат за уште 60 мигранти.

Иселенувањето било побарано од градоначалникот на Бадалона, Ксавиер Гарсија Албиол, кој изјави дека објектот претставува „опасност по јавната безбедност“. По завршувањето на полициската акција, тој ја посетил зградата и остро ја критикувал шпанската влада, наведувајќи дека е „неприфатливо што се дозволува неконтролиран влез на мигранти во земјата“.

Зачлени се на нашиот е-билтен