Полицијата во Бристол објави фотографии од осомничени по големата кражба во музејскиот архив

Повеќе од 600 артефакти со значајна културна вредност се украдени од архивата на Бристолскиот музеј во една од најголемите кражби во последните години, објави полицијата, пренесува BBC.

Кражбата се случила на 25 септември, а меѓу исчезнатите предмети се воени спомени, накит, предмети од областа на природната историја, како и резбани фигурини изработени од слонова коска, бронза и сребро. Детективите денеска објавија фотографии од четворица мажи снимени од безбедносните камери во регионот, за кои се верува дека можат да им помогнат во истрагата.

„Кражбата на толку многу предмети со исклучителна културна вредност претставува голема загуба за градот“, изјави детективот Ден Бурган.

Дополнителна тежина на случајот ѝ дава и историскиот контекст на украдените артефакти. Филип Вокер, раководител на секторот за култура и креативни индустрии во Градскиот совет на Бристол, истакна дека исчезнатите предмети биле дел од уникатна музејска збирка што ги документира врските помеѓу Британија и земјите кои во минатото биле дел од Британската империја, од доцниот 18. до доцниот 20. век.

„Збирката има големо културно значење за многу земји и претставува непроценлив запис за животите на оние што биле вклучени во историјата на империјата“, рече Вокер.

Меѓу украдените предмети се наоѓаат и воени значки и беџови на Источноиндиската компанија, како и разновиден накит, ѓердани, нараквици и прстени. Исчезнати се и резбани фигурини, декоративни предмети и материјали од областа на природната историја, вклучително и геолошки примероци.

Полицијата соопшти дека досега спровела „значајни“ анализи на безбедносните снимки, форензички проверки и дека е во постојана комуникација со оштетените институции, додека потрагата по украдените артефакти продолжува.

Зачлени се на нашиот е-билтен