Европската комисија се залага до крајот на годината постепно да бидат укинувани кризните мерки воведени по руската инвазија врз Украина минатата година, чија цел беше да им се овозможи на членките на ЕУ да ги субвенционираат своите енергетски сектори за ублажување на последиците од растот на цените на енергенсите. Но, засега ваквите планови на ЕК не наидуваат на поддршка од сите земји на Унијата, пред се на Франција и Германија.
Мерките за субвенциите им овозможија на земјите членки да обезбедат стабилно снабдување на своите пазари со енергенси, вклучително и со бензин, природен гас и струја и истовремено го намалија притисокот врз граѓаните кои изминатата година се соочија со рекордно високи сметки за енергија. Но, според планот, овие мерки треба да бидат укинати на 31 декември.
Како што објави белгискиот портал „Политико“, Париз и Берлин не сакаат целосно укинување на субвенциите, стравувајќи дека со тоа ќе се намали конкурнтноста на домашните индустрии и може да резултира со пренасочување на инвеститорите на други пазари, како САД или Кина.
Според анализите на Еврокомисијата, ваквите мерки повеќе не се неопходни и нивната понатамошна примена и во текот на 2024 година би го нарушила нормалното функционирање на единствениот пазар, бидејќи големите земји ќе можат да ги субвенционираат своите енергетски гиганти, што помалите компании би ги ставило во нерамноправна позиција.
– Економските перспективи даваат индикација дека се намалува сериозното нарушување на економијата, а со тоа и потребата од постојан вонреден одговор на кризата во делот на државната помош, се вели во анализата на Комисијата.
Според Европската комисија, пролетните економски прогнози на ЕУ за 2023 година укажуваат на стабилизација на цените на енергенсите и предвидувањата се дека „нема веројатност“ за криза како ланската.
Податоците покажуваат дека „најдарежливи донатори“ на државна помош во ЕУ се токму Германија и Франција. Од вкупната сума од 672 милијарди евра државни субвенции на ниво на ЕУ, 53 отсто потекнуваат од Германија, а 24 проценти од Франција.
Во рамки на трипартиската „семафор“ владина коалиција во Германија се уште трае дебатата за прашањето за продолжување на субвенциите. Германскот пакет за итни субвенции во износ од 200 милијарди евра усвоен лани, треба да трае до април следната година, па се очекува Берлин да бара од Брисел продолжување на субвенционирањето на енергијата и по истекот на оваа година.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек, кој предлага загарантирана цена за електрична енергија за индустријата со цел да се задржи нејзината конкурентност, изјави дека со Европската комисија се водат разговори за ова прашање.
– Постојано се дискутира за цената на електричната енергија за индустријата, како и за очигледниот проблем дека индустријата во Европа мора да произведува конкурентно, рече Хабек, кој не сакаше да даде дополнителен коментар на анализата на ЕК околу енергетските субвенции.
Франција, која со години лобира за полабаво спроведување на мерките за конкурентност, исто така, се очекува да врши притисок врз Брисел околу субвенциите за енергетскиот сектор.
Врз основа на одобрените мерки за субвенционирање, Франција им додели десетици милијарди евра поддршка на енергетски интензивните индустрии, но во исто време сакаше и да ги искористи субвенциите како клучна алатка за привлекување инвестиции.
Високи француски официјални претставници во изјава за „Политико“, нагласиле дека Париз бара да продолжи субвенционирањето на нуклеарните централи. Според оваа идеја, на членките на ЕУ би им се дозволило да даваат субвенции за нови нуклеарни централи и за надградба на постојните со цел зголемување на нивните капацитети.
– Консултациите со Европската комисија за можно продолжувањето на режимот на државна помош се отворени до 15 септември и ние го подготвуваме нашиот одговор, наведе француското Министерство за енергетика.
Противниците на државното субвенцинирање посочуваат дека програмите за помош што беа воведени за справување со последиците од пандемијата на Ковид-19 и од војната во Украина, создаваат „трка за субвенции меѓу националните влади што им нанесува штети на единствениот европски пазар и на конкурентската предност на Унијата“.
Сепак и во случај на укинување државното субвенционирање на енергерскиот сектор, врз основа на одредбите од Привремената кризна рамка на ЕУ, земјите членки до крајот на 2025 година ќе можат да финансираат мерки насочени кон зголемување на обемот на обновливи извори на енергија, декарбонизација на индустриските процеси и транзиција кон економија со нула нето емисии на штетини гасови, затоа што дел од овие политики не беа реализрани изминатиов период поради значителниот раст на цените на енергенсите во 2022 година, наведува „Политико“.
Извор МИА,