„Политико“ го прогласи Доналд Трамп за „најмоќна личност во Европа“ во 2025 година

Фото илустрација креирана од Политико

Бриселскиот портал „Политико“ го прогласи американскиот претседател Доналд Трамп за „најмоќна личност во Европа“ во 2025 година во традиционалниот годишен избор на 28-те најмоќни луѓе во европската политика.

Иако, традиционално изборот на најмоќна личност вклучува само Европејци, односно лица кои живеат или работат на европскиот континент, годинава „Политико“ направи исклучок со оценка дека „никој не извршил поголемо влијание во или врз Европа оваа година од претседателот на САД“.

– Сенката на Трамп се издига толку високо над европските престолнини, што неговите одлуки – или испади – преобликуваа сè, од буџетите за одбрана, па до трговската и внатрешната политика, оценува „Политико“.

По Трамп на второто место на листа е данската премиерка Мете Фредериксен, пред германскиот канцелар Фридрих Мерц и неформалната лидерка на францускиот десничарски Национален собир, Марин Ле Пен. На петото место е рускиот претседател Владимир Путин, пред лидерот на британската Реформска партија, Најџел Фараж и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Првата „десетка“ на листата ја заокружуваат генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот британски колега Кир Стармер.

Во образложението на „доделувањето на титулата“ на Трамп, се наведува дека од обидот да се опише односот на Европа со него станува јасно дека Европејците се „соочуваат со непредвидлив доминантен партнер, чии импулси можат да го претумбаат континентот преку ноќ“.

– Дали е тој партнер? Повремено. Закана? Понекогаш. Сила што го преобликува односот според негови услови? Секогаш, наведува „Политико“.

Зачлени се на нашиот е-билтен