Околу половина од населението на украинскиот главен град Киев денес остана без електрична енергија поради најновиот бран руски напади врз енергетската инфраструктура, соопшти украинското министерство за енергетика на својата канал на „Телеграм“.
„Ситуацијата во Киев е една од најтешките, во моментов околу 50 проценти од потрошувачите се без струја“, наведуваат од министерството.
Русија во последните месеци значително ги засили нападите на украинските гасни и енергетски капацитети, таргетирајќи производствени постројки и системи за пренос на електрична енергија. Иако Украина работи со три нуклеарни електрани кои произведуваат повеќе од половина од вкупната електрична енергија во земјата, нивната продукција е ограничена поради оштетувањата на далеководите.
Како резултат, операторот на електроенергетската мрежа „Укренерго“ воведе рестрикции во снабдувањето, оставајќи цели региони без струја, греење и топла вода. Во изминатата недела, жителите на Киев и поширокиот регион добивале електрична енергија во просек околу десет часа дневно.

